Алиев вети загарантирани права на Ерменците во Нагорно-Карабах
- Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев денеска на средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека правата на Ерменците во Нагорно-Карабах ќе бидат загарантирани.

Нахчиван, 25 септември 2023 (МИА) - Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев денеска на средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека правата на Ерменците во Нагорно-Карабах ќе бидат загарантирани.
-Жителите на Нагорно-Карабах, без разлика на етничката припадност, се државјани на Азербејџан. Нивните права ги гарантира азербејџанската држава, рече Алиев на заедничката прес-конференција одржана со турскиот претседател Ердоган во Нахчиван.
Ерменците во Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан, беа принудени на прекин на огнот минатата недела по 24-часовната воена операција на многу поголемата азербејџанска Армија.
Раководството на 120 илјади Ерменци изјавија дека не сакаат да живеат под Азербејџан и дека ќе одат во Ерменија, бидејќи се плашат од прогон и етничко чистење. Раководството денеска соопшти дека имало метеж од правец Карабах кон Ерменија и дека на оние кои сакаат да заминат ќе им биде обезбедено бесплатно гориво. мс/
фото: МИА архива