• понеделник, 16 декември 2024

Алжир: Првичните резултати покажуваат дека Тебун го добива вториот претседателски мандат

Алжир: Првичните резултати покажуваат дека Тебун го добива вториот претседателски мандат

Алжир, 8 септември 2024 (МИА) – Актуелниот претседател на Алжир Абделмаџид Тебун постигна јасна победа на претседателските избори во северноафриканската земја и обезбеди втор петгодишен мандат на функцијата, покажаа прелиминарните резултати објавени вечерва.

Изборите се одржаа вчера, а противкандидати на Тебун беа исламистот Хасани Шариф Абдел Аали и Јусеф Аучиче од Фронтот на социјалистичките сили.

Тебун, кој ја презеде функцијата кон крајот на 2019 година, доби 94,6 отсто од гласовите, додека Абдел Аали и Аучиче собраа нешто повеќе од три отсто, односно два отсто, рече шефот на изборната комисија Мохамед Чарфи на прес-конференција.

Околу 48,03 отсто од гласачите со право на глас го дадоа својот глас, соопшти комисијата. Право на глас имаа најмалку 24 милиони Алжирци.

Излезноста се сметаше за главен предизвик на изборите, пренесе ДПА.

Гласањето беше продолжено за еден час за да се охрабрат повеќе луѓе да се појават на гласачките места.

На изборите во 2019 година на кои победи Тебун, гласаа скоро 40 проценти од гласачите со право на глас.

Привремените резултати сега ќе бидат испратени до Уставниот суд на Алжир, кој е одговорен за нивно испитување и сослушување на потенцијалните жалби пред да го објави конечниот официјален резултат. Процесот може да потрае до три недели. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан