• петок, 05 декември 2025

Алексовски: Развој на локалитетот Калин Камен, пречистителна станица, поддршка на спортот, имаме јасна визија за модерна општина со нови работни места

Алексовски: Развој на локалитетот Калин Камен, пречистителна станица, поддршка на спортот, имаме јасна визија за модерна општина со нови работни места

Крива Паланка, 14 октомври 2025 (МИА) – Нашата програма е заедничка визија за иднината, и за градот, и за селата. И за младите и за возрасните. За сите. Нашата визија е развој и просперитет во интерес на граѓаните, а не за тесни лични интереси. Визија која бара храбра, одговорна и чесна локална власт, за разлика од досегашната. Крива Паланка ќе биде модерна и функционална општина, со развиена инфраструктура и дигитални услуги, економски раст и нови работни места, преку поддршка на бизнисот, инвестиции и развој на локални ресурси и квалитетен живот за сите граѓани, подобро образование, култура, здравје, спорт и грижа за младите и постарите, рече вечерва на митингот во Крива Паланка во рамките на кампањата за претстојните локални избори со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Алексовски.

Во обраќањето истакна дека заедно со советниците ќе почнат од најприоритетните проекти и ден по ден, проект по проект, рече, ќе ја зацврстат довербата на граѓаните, која, според него, не се добива, туку се заслужува.

- Имаме проекти,план и визија за Крива Паланка да биде град на среќни луѓе, задоволни граѓани и извесна иднина. Јас и мојот тим, советниците на ВМРО ДПМНЕ, што ќе бидат мнозинство во советот, ќе бидеме партнер во изградбата на Крива Паланка 2029, модерен, зелен и европски град, гордост за сите нас. По децении ветувања, конечно, нашиот планински бисер, локалитетот Калин Камен ќе го добие заслуженото место на туристичката карта и во Македонија и регионот. Поставувањето ски-лифт на локалитетот ќе значи реален развој на Калин Камен како дел од туристичко-рекреативниот комплекс „св. Јоаким Осоговски“. Крива Паланка ќе биде туристички центар за културен, верски, планински и зимски туризам. Ќе ги поддржиме спортските клубови, ќе ја унапредиме и надградиме спортската инфраструктура, со проектот „100.000 евра годишно за спортот во Крива Паланка“ директно ќе ги мотивираме младите активно да се вклучат во спорт и да водат здрав живот, рече Алексовски.

Најави приоритетен проект за регулација на Дурачка Река и изградба на пристапна улица по левиот брег до Маневски мост.

- Ќе ставиме крај на небезбедното и отежнато движење на сите учесници во сообраќајот по целата должина на ул. 8 Октомври. Проект што се ветува со години, а денес и во 21 век, жителите на Маневци живеат без соодветна инфраструктурна уреденост, без пристапност и безбедност, а живеат во страв од поплави при обилни врнежи. Решение на долгогодишен проблем на граѓаните носиме и со ново сообраќајно решение за изградба на мост и семафорска раскрсница за поврзување на главната улица „св. Јоаким Осоговски“ со патниот правец А2. Овој проект значи трајно решавање на деценискиот проблем на градот и со ваков капитален проект ќе се отвори нов коридор за економски и урбан развој, рече Алексовски.

Истакна дека ќе се инвестира во патната инфраструктура, младите и спортот, но воедно и Крива Паланка ќе добие спортски терени, нови детски игралишта и пречистителна станица за отпадни води на Крива река.

- Ќе градиме локална и регионална патна инфраструктура, со предвидени над 40 километри асфалтирање на патни правци во повеќе села. Ќе градиме и канализациони системи, ќе ги одржиме постојните и нови зелени површини. Ќе го ставиме во функција градскиот базен, спортот ќе доживее експанзија со доуредување на спортската сала кај мотел Македонија. Младите ќе имаат централно место во нашето работење, ќе формираме центар за млади, младите ќе добиваат не само стипендии, туку спортистите ќе имаат буџет за спортски ваучер, ќе се отвори локално радио Крива Паланка, ќе поддржиме младински старт-апи, ќе се градат и уредуваат нови детски игралишта, спортски терени, ќе ги обновиме училиштата. Крива Паланка ќе добие главен колектор и пречистителна станица за отпадни води на Крива Река, проект за кој етапно ќе изнаоѓаме средства“, додаде Алексовски.

На граѓаните на Крива Паланка им порача и дека секој жител ќе има исто место во програмите и проектите што ќе се реализираат, ќе обезбеди подобри услови за сите граѓани, со безбедни решенија на долгогодишни наталожени проблеми пред кои замижале претходниците. иб/ир/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан