• вторник, 24 декември 2024

Александрија би можела да исчезне под морето

Александрија би можела да исчезне под морето
5 ноември 2022 Jordan news/AFP Вториот по големина египетски град и негово најголемо пристаниште Александрија за неколку децении може да исчезне под морето. Дури и според најдоброто сценарио на ОН, третина од градот основан од Александар Велики на делтата на Нил ќе биде под вода или ненаселен до 2050 година. Милион и пол жители од вкупно шест, ќе мора да побегнат од нивните домови. Древните урнатини и историските споменици исто така се во голема опасност од Средоземното Море. Стотици жители веќе мораа да ги напуштат домовите како резултат на поплавите од 2015 и 2020 година. Секоја година градот тоне за повеќе од три милиметри поради браните на Нил што ја задржуваат речната тиња што некогаш ја зацврстувала почвата и поради екстракција на гас од морското дно. Истовремено, се зголемува нивото на морето поради глобалното затоплување. Средоземното Море може да се подигне за еден метар во период од три децении, според најлошите предвидувања на Меѓувладиниот панел за климатски промени на ОН (ИПЦЦ). Тоа би поплавило „третина од доста продуктивното земјоделско земјиште на делтата на Нил“ како и „градовите од историска важност како што е Александрија“, се додава. Може да исчезне третина од градот Експертите на ОН тврдат дека нивото на Средоземното Море ќе се крене побрзо од речиси сите мориња на светот. - Климатските промени се реалност, не се веќе празна закана, подвлече Ахмед Абдел Кадер, шеф на агенцијата за заштита на египетското крајбрежје. Дури и во најдобар случај, Средоземното Море ќе се крене за 50 сантиметри до 2050 година, покажаа други египетски и истражувања на ОН. Тогаш, Александрија ќе се поплави 30 проценти, четвртина од населението ќе мора да се пресели, а 195.000 ќе ја изгубат работата. Таква катастрофа ќе има драматични последици за 104 милиони жители на Египет, бидејќи во Александрија се наоѓа и најголемото пристаниште во земјата и еден од главните економски центри, појасни Кадер. Низ делтата, морето веќе навлезе во внатрешноста повеќе од три километри во изминатите педесетина години, проголтувајќи го познатиот светилник во Розета од 19 век во 1980-те години. Сето тоа се вклопува со експлозијата на бројот на жители на Александрија, каде во изминатите десет години се населија речиси два милиони луѓе, додека заостанува инвестирањето во инфраструктурата, како и на други места низ Египет. Гувернерот на градот, Мохамед ал-Шариф изјави дека изграден е систем за одводнување на атмосферски води за патиштата за да апсорбира милион кубни метри дожд. Но, со оглед на тоа што поради климатските промени има сè посилни бури, „денес може само во еден ден да паднат 18 милиони кубни метри“ дожд. Променливата клима предизвикува хаотични временски услови во Александрија, што може да варираат од горештини надвор од сезоната, до снег. - Никогаш не сме имале толку топло време кон крајот на октомври, за АФП изјави 36-годишниот жител на градот Мохамед Омар. Температурите достигнаа 26 степени Целзиусови, пет над нормалната. Изгубена во брановите Таа закана му нанесе голем удар на угледот на градот, што сака да го слави неговото космополитско златно доба од почетокот на 20 век со кафулиња со арт декор и елегантни авении со згради во париски стил. Многумина Египќани беа ужаснати, кога тогашниот британски премиер Борис Џонсон предупреди дека Александрија може да исчезне „под брановите“ на конференцијата за климатските промени COP26 во Глазгов минатата година. - Да, таа закана постои, но, почнуваме проект да ја ублажиме, нагласи Кадер. На 69 километри од крајбрежјето се засадува голем појас од трска. - Песокот се фаќа за неа и заедно формираат природна бариера, додаде тој. Најави и дека наскоро ќе бидат воведени механизми за алармирање и мерење бранови. Загрозено историско наследство Особено е ранливо богатото и древното историско наследство на Александрија. Најекспонирана е тврдината Кајтбај од Мамлуците од 15 век, изградена на земјата каде некогаш се наоѓал познатиот светилник, едно од седумте чуда на античкиот свет. Затоа што постојано е под удар на бранови, поставени се 5.000 големи бетонски блокови за да ја штитат. Уште повеќе ги штити шеталиштето покрај морето од 19 век. Уништувањето и обновата не се ништо ново за градот што некогаш беше дом на библиотеката на Александрија, најголемиот храм на знаење во светот, што случајно бил запален од војниците на Јулиј Цезар. Ниту нејзиниот современ наследник, блескавата градба на шеталиштето закосена како сончев диск кон морето, ниту остатокот од градот не можат да бидат дел од водена гробница, додаде Кадер. - Западот има морална одговорност: мора да помогне во сузбивање на негативните последици на климатските промени, што се резултат на неговиот цивилизациски и индустриски модел, смета тој. Египет упорно ќе ја нагласува оваа порака на конференецијата на ОН за климатските промени COP27 што на 6 ноември ќе започне во Шарм ел-Шеик. бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан