• среда, 25 декември 2024

Александар Шапиќ избран за нов градоначалник на Белград

Александар Шапиќ избран за нов градоначалник на Белград
Белград, 20 јуни 2022 (МИА) - Собранието на град Белград денеска избра нов градоначалник - Александар Шапиќ, кој на изборите во април беше прв на листатата „Александар Вучиќ - Заедно можеме се“. На тајното гласање, од 110 гласачки ливчиња Шапиќ доби тенко мнозинство од 57 советнички гласови на сите одборници на Српската Напредна Странка (СНС), Социјалистичката партија (СПС) и еден одборник од опозицискиот ПОКС кој стана независен пратник пред гласањето, јави дописникот на МИА од Белград. За заменик на новиот градоначалник на Белград е избрана Весна Видовиќ. - Ќе се потрудам да не ја прокоцкам довербата на моите сограѓани кои гласаа за списокот околу СНС, со мојата работа да ја оправдам и никако да не ги разочарам, изјави Шапиќ по изборите. Обраќајќи им се на советниците, тој рече дека сака Белград да биде „град победник, град шампион“. Шапиќ додаде и дека нема да се откаже кога станува збор за изградба на метрото, обиколницата, новиот мост на Сава, тунелот од Караѓорѓева, Топчидерскиот тунел, внатрешниот главен магистрален прстен и пречистителните станици. Александар Шапиќ беше член на Демократската партија (ДС) и во 2009 година помошник на тогашниот градоначалник на Белград Драган Ѓилас, а од 2012 година е на чело на општината Нов Белград. По заминувањето од ДС формира свое здружение „За нашиот град“. Потоа тој го формира Српскиот патриотски сојуз (СПС), кој се обедини со СНС, каде во мај 2021 година беше избран за потпретседател на Главниот одбор. Со ватерполо се занимава од 1984 година. Играше за селекциите на Југославија, Србија и Црна Гора и Србија од 1995 до 2008 година. На Олимписките игри учествуваше четири пати и освои еден сребрен и два бронзени медали, а со репрезентацијата освои 20 медали на 22 европски и светски натпреварувања. об/паг/

Остани поврзан