• сабота, 23 ноември 2024

Албански медиуми: Заев категоричен, нема оставка на Владата и нема превремени избори

Албански медиуми: Заев категоричен, нема оставка на Владата и нема превремени избори
Тирана, 3 јануари 2021 (МИА) - Албанските медиуми, без исклучок, отстапија простор за дел од интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за МИА, кој се однесува на барањата за оставка на Владата и спроведување предвремени парламентарни избори, по бугарското вето за почеток на преговорите со ЕУ. -Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, увери дека неговата Влада нема да поднесе оставка поради бугарското вето за евроинтеграции. Македонската опозиција, предводена од Христијан Мицкоски, долго време бара оставка од Заев, но тој вели дека барањето е нелогично и дека сегашната влада ќе го реши и проблемот со Бугарија, наведуваат медиумите во Тирана. Додаваат дека Заев отфрла било какво барање за предвремени парламентарни избори. -Нема да има предвремени избори, барањата на опозицијата за оставка на Владата се неосновани. Ниту има потреба ниту логика за оставка. Тоа би било предавство на оние кои ја поддржуваат европската агенда на земјата. Владата е стабилна, поддржана од стабилно парламентарно мнозинство, пренесуваат медиумите. Го акцентираат и делот каде што Заев вели дека довербата на мнозинството граѓани кои ја дале на политиките на оваа влада била заради одлучната намера да ги решава сите прашања, вклучително и ова со Бугарија. Агенцијата „Балкан веб“ ја пренесува и пораката на Заев до Мицкоски каде му порачува „нека си погледне во сопствениот двор на белиот дворец, нека размисли и гласно нека си одговори себеси, кој е тој што вообичаено и логично треба да поднесе оставка после толку изборни порази“. Се посочува дека СДСМ предводен од Заев, кој „успеал да придобие во своето членство голем број Албанци“, во коалиција со други политички партии извојувал победа на неколку избори по ред, било да се парламентарни или локални. вт/ки/ 

Остани поврзан