• четврток, 26 декември 2024

Албанските социјалисти предлагаат изборите да се одржат на 11 мај, со предлогот се согласува и првиот човек на ЦИК

Албанските социјалисти предлагаат изборите да се одржат на 11 мај, со предлогот се согласува и првиот човек на ЦИК

Тирана, 25 ноември 2024 (МИА) - Албанскиот претседател Бајрам Бегај, попладнево ги заврши консултациите околу датумот на одржување на парламентарните избори, што треба да се одржат на пролет следната година.

На денешната средба, владејачките социјалисти предложиле изборите да бидат на 11 мај, со цел да им се даде повеќе време на иселениците, на кои на овие избори за првпат им се дава право на гласаат.
Ова го потврди генералниот секретар Бленди Кљоси по средбата на која присуствувал и Нико Пелеши, координатор на пратеничката група.

-Што се однесува до датумот на изборите, во изборниот процес е воведен нов, многу важен елемент, а тоа е гласањето на иселениците. Да се ​​подготви овој процес што е можно подобро и да им се даде повеќе време на сите иселеници кои сакаат да учествуваат во изборите во Албанија. Побаравме тоа да биде на 11 мај, како најсоодветен можен датум. Многу би сакале сите иселеници да започнат со процесот на регистрација и потоа да се подготват за денот на гласањето, изјави Клоси.

Првиот човек на ЦИК, Челибаши по средбата со Бегај, кусо изјави дека 11 мај е најсоодветен датум, бидејќи дава дополнително време за да се подготват за изборите.

Денеска беше планирана средба и со опозициските демократи, но тие ја отфрлија поканата на шефот на државата, како што и претходно најавија.

-Средбите се само фарса. Претседателот е едностран, а не независен како што му налага функцијата.  Денот на изборите веќе го има одредено Еди Рама, рече Газменд Барди, координатор на пратеничката група, кој заедно со генералниот секретар Фљамур Нока требаше да одат на средбата, бидејќи лидерот Сали Бериша е во домашен притвор.

Консултациите шефот на државата ги почна во вторникот со средбата со четири помали опозициски партии, Републиканската на Фатмир Медиу,  партијата за единство за човекови права (партија на Грците), на Вангел Дуле,  Партијата за правда, интеграција и единство (позната како партијата на Чамите), на Шпетим Идризи и Движењето за национален развој на Дашамир Шехи, кои предложиле изборите да бидат на 4 мај.

Во четвртокот се сретна со претставници на Партијата на слободата на Илир Мета, кој е во затворски притвор, по која генералниот секретар Теди Блуши, рече дека се согласуваат со секој датум, освен оној кој ќе го предложат социјалистите.

Бегај имаше средба и со поранешниот претседател на ДП, Љуљзим Баша, сега лидер на крилото ДП-евроатлански демократи.

По завршување на консултациите, Бегај треба да потпише уредба за денот на одржување на 11-те парлементарни избори по падот на тоталитарниот режим.

Последните парламентарни избори беа спроведени на 26 април 2021 година, кога социјалистите освои 77 од вкупно 140 пратенички места.

Од 2013 година последователно во сите изборни циклуси триумфира партијата на Еди Рама. вт/сд/

 

Остани поврзан