• сабота, 23 ноември 2024

Албанските демократи бараат од Владата јавно да презентира информации за морската граница

Албанските демократи бараат од Владата јавно да презентира информации за морската граница
Тирана, 27 декември 2020 (МИА) - Не стивнуваат реакциите во Албанија по веста дека Грција усвоила декрет за проширува на територијалните води за 12 милји во Јонско Море. Во својата реакција, најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, наведува дека Владата не покажала никаква транспарентност во врска со ова прашање и бара да објави јавно информации за тоа какви преговори се направени со грчката страна, за ова чувствително прашање за Албанците. - Демократската партија на Албанија ги следеше со внимание и загриженост сите настани поврзани со разговорите за разграничување на морските простори меѓу Република Албанија и Република Грција. Демократската партија ја изразува својата загриженост поради молкот и нетранспарентноста на Владата во врска со последните случувања околу Уредбата за проширување на грчките територијални води,стои во партиската реакција. Соочена со ситуација кога Република Грција прогласи проширување на територијалните води за 12 милји, ДП смета дека сосема е легитимно секој албански граѓанин да ја дознае вистината за што се преговарало од 2013 година кога истите се обновени. - Демократската партија ја повикува Владата да презентира целосна транспарентност за какво било дејствие или нејзино непостапување на штета на интересите на земјата и му гарантира на секој албански граѓанин дека утре кога ќе дојде на власт ќе се бори со сила на законот, во согласност со одлуката на Уставниот суд, со најдобра национална и меѓународна експертиза, за заштита на легитимните интереси на Република Албанија, се посочува во соопштението од Демократската партија. На претходните обвинувања дректно упатени до премиерот Еди Рама дека продал 12 милји од територијалните води на Јонско Море и станал предавник на националните интереси, тој синоќа одговори преку социјалните мрежи наведувајќи дека „сегменти од албанската политика продолжуваат да фрлаат национал-фолклорна кал, без знаење и без мерка“. Тој додаде дека морето не и е отстапено на Грција, туку дека „соседната земја ја искористила можноста на правото што и е признато, исто како што тоа го направила Албанија во 1990 година“. вт/ми/

Остани поврзан