• понеделник, 23 декември 2024

Албанскиот премиер Рама со порака до Србија и до Косово

Албанскиот премиер Рама со порака до Србија и до Косово

Тирана, 26 септември 2023 (МИА) - Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека одлуката на Србија за прогласување ден на жалост за „убиените вооружени лица  во Косово" е неоправдана и неприфатлива.

Според него „ова е најлошиот сигнал што Србија може да го испрати на регионот и на евроатлантската заедница".

- Иако требаше да отвори сериозна истрага за членовите на таа криминална група, нивните врски со трговци со оружје и други поединци или субјекти, во Србија или на друго место, потенцијално ангажирани во создавање вооружено движење на северот на Косово, Белград, со оваа одлука, која нема никаква врска со 21 век, го разгорува пламенот на вооружен конфликт како никогаш досега од 1999 година! Ова не само што е неоправдано и неприфатливо, туку и за осуда со сета сила на зборови и инструменти со кои располага евроатлантската заедница,  наведува Рама.

Toj нагласува дека сега е моментот кога Србија треба да одлучи дали ќе биде со Европа и демократскиот свет, или со "сенката врз себе од крајот на 20 век, со духовите и злосторствата од своето неславно минато од 90-тите".

- Ова е моментот кога Србија мора јасно и цврсто да одлучи дали ќе биде со Европа и демократскиот свет на 21 век или со сенката врз себе од крајот на 20 век; со вредностите и принципите на Европската Унија и евроатлантската заедница или со духовите и злосторствата од нејзиното неславно минато од 90-тите; со европското утре на нејзините  невини деца или со вчерашниот виновник за убиствен и самоубиствен национализам! Ова е моментот кога Европската Унија и САД мора јасно и решително да одлучат дали ќе го подигнат демократскиот аларм на највисоко ниво за да се запре ескалацијата на конфликтот на северот на Косово, кој влезе во најопасна фаза од 1999 година или ќе продолжат да го одржуваат Дијалогот за нормализација и посветеноста на КФОР на исто ниво кое сега е сосема недоволно! Ова второто денес е сосема непрепорачливо, но утре може да стане сосема неоправдано, бидејќи утре може да биде доцна за првото, оценува тој.

Затоа, додава, апелот на Албанија до големите пријатели и стратешки сојузници на Западен Балкан е: Денешната акција не ја оставајте за утре! 

Освен до Белград, тој се обрати и до Приштина, каде што „е потребно сериозно размислување во оваа тешка ситуација".

- Ова е моментот кога и Косово мора многу сериозно да размисли и јасно да одлучи дали ќе продолжи со дејствието одделно од своите незаменливи пријатели и своите неоспорни сојузници или ќе дејствува во хармонија и разбирање со евроатлантската заедница  за да се постигне најголемата цел во историјата по победата на војната и прогласувањето на независноста, конечното признавање како земја членка на оваа заедница. Сите други патишта, освен ова второто се патеки на илузии со болни завршетоци, кои го оддалечуваат Косово од главната цел, го празнат од духот на иднината и го претвораат на најапсурдниот начин заложник на мирот среде Европа,  бидејќи излезе како победник од борбата да стане слободна европска земја, посочува Рама. вт/ссм/

 

Остани поврзан