• среда, 27 ноември 2024

Албанска агенција за информатичко општество: Земјата е под масовни кибер напади, но податоците се безбедни

Албанска агенција за информатичко општество: Земјата е под масовни кибер напади, но податоците се безбедни

Тирана, 27 декември 2023 (МИА) - Албанската агенција за информатичко општество преку соопштение ја информираше јавноста дека „земјата е под масовни кибер напади, но дека податоците се безбедни“.

Освен мобилната компанија „One Albania“, воздухопловната „Ер Албанија“, албанскиот Парламент, Управата за јавни приходи, Албанската државна висока контрола, агенцијата потврдува дека и таа „станала жртва на кибер напади“.

Од Агенцијата додаваат дека состојбата е нормализирана по околу еден час и владините веб-страници повторно се во целосна функција, дека нападите не се поврзани со безбедноста на системите и податоците во нив, туку само со блокирањето на јавните веб-страници.

„Ја информираме јавноста дека моментално сме под масовни, дистрибуирани напади од форматот „Дистрибуирано одбивање на услуга“ (DDoS), блокирајќи ја мрежата со нелегитимни обиди за пристап до јавни локации. Ситуацијата се нормализира по околу 60 минути и владините сајтови повторно се во целосна функција. Нагласуваме дека ваквите напади немаат врска со безбедноста на системите и податоците во нив, туку само со блокирање на јавни веб-страници“, се наведува во соопштението.

Долго време Албанија е под максимално внимание на напаѓачите и кибер-криминалците.

„Кибер безбедноста е еден од најголемите предизвици во дигиталната ера. Навременото идентификување на заканите, брза реакција и зајакнување на безбедноста е сложен процес што бара соодветно внимание и преземање мерки приспособени на времето и начинот на нападите, од случај до случај“, наведуваат од Националната агенција за информатичко општество.

За нападите одговорноста на каналот „Телеграм“ ја презеде иранската група „Татковинска правда“.

Но, еден од најпознатите албански експерти од областа на криминалистиката, Ервин Карамучо, се сомнева дека овие напади не можеле да бидат извршени од Иранци, туку од ИТ групи, кои се контролираат од криминални групи и оти сега на пазарот база на податоци се продава по 300 илјади евра и дека податоците може да се купат и со Биткоин. вт/сд/

Остани поврзан