• сабота, 23 ноември 2024

Албанија ќе амнестира околу 570 осуденици, не се опфатени убијците и оние кои се предмет на СПАК

Албанија ќе амнестира околу 570 осуденици, не се опфатени убијците и оние кои се предмет на СПАК

Тирана, 7 ноември 2023 (МИА) - Албанската влада го донесе Предлог- законот за амнестија, со кој придобивка ќе имаат 570 осуденици.

Исто така, согласно Предлог-законот, престанува кривичното гонење за најголем дел од кривичните прекршоци за кои е предвидена казна затвор до две години.

Според предлог-законот, затворските ќелии ќе ги напуштат мажите кои се осудени на казна затвор до три години и жените кои се осудени на затвор до четири години, за казни кои биле изречени пред 30  јуни годинава.

- Слободата си ја враќаат и мажите, на кои од денот на стапување во сила на законот им остануваат три години затвор, како и жените, на кои им остануваат четири години затвор. Амнестијата ќе биде за жени над 50 години, мажи над 65 години и малолетници, наведуваат албанските медиуми.

Дополнително се предлага  мажите да имаат една година намалена казна и една и пол година за жените и малолетниците, кои немаат корист од амнестија како другите. 

- Од амнестијата строго се исклучени лицата кои издржуваат казна за семејно насилство, организиран криминал, трговија со голема количина дрога или злоупотреба на службената положба и корупција, односно се предмет на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, рече министерот за правда, Улси Мања.

Предлог-законот го подготвила работна група предводена од Мања, по тримесечни консултации со домашни и експерти од ЕУ и со генералната управа на затворите.

Тој треба да биде изгласан во Парламентот овој месец.

Во Албанија последната амнестија беше во 2020 година, кога беа опфатени 170 затвореници. вт/паг/

Фото: Фејсбук

 

Остани поврзан