• петок, 05 декември 2025

Албанија: Во летните здравствени амбуланти услуга добиле над 46 илјади туристи

Албанија: Во летните здравствени амбуланти услуга добиле над 46 илјади туристи

Тирана, 20 август 2025 (МИА) - Од први јуни, кога почнаа да функционираат, во 36 -те летни здравствени амбуланти, услуга добиле 46.718 туристи, при што околу 30 отсто од нив странски државјани.

„Во овие здравствени центри,  223 лекари и медицински сестри се на готовност 24/7 за да гарантираат здравствена заштита во секој агол од крајбрежјето и планинските туристички области. Благодарност за здравствениот кадар кој со професионалност и посветеност ги опслужува туристите, напиша министерката за здравство Албана Кочиу во објава на Фејсбук.

Од вкупниот број дадени услуги околу 70 отсто се на албански, додека над 30 отсто се на странски туристи.  Бројот на дадените услуги бележат зголемување за 25 отсто споредено со минатата година, што е условено од зголемениот број туристи.

„Покрај здравствените амбуланти Националниот ургентен центар, има ставено на располагање 20 фиксни станици за брза помош за туристите во најфреквентните туристички области. Здравјето на граѓаните и туристите е приоритет на министерството насекаде  и во секое време, наведува Кочиу.

Летните здравствени центри ќе бидат отворени до крајот на септември. вт/

Фото: Колку ФБ

Остани поврзан