• четврток, 07 ноември 2024

Актуелни европски и геополитички теми во фокусот на Меѓународната конференција на „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Зоран Заев“

Актуелни европски и геополитички теми во фокусот на Меѓународната конференција на „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Зоран Заев“

Атина, 5 јуни 2024 (МИА) – Иднината на Европа по европските избори, интегративниот процес на Западен Балкан, геополитичките случувања во Источен Медитеран, мирното решавање на споровите, справувањето со климатската криза, но и во европските економски случувања, ќе бидат главните теми на дводневната Меѓународната конференција за мир и одржлив развој што на 17 и 18 јуни ја организираат „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Зоран Заев“, јави дописничката на МИА од Грција.

Конференцијата ќе се одржи во Атина, по повод шест годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, планирано е учество на шефови на меѓународни организации, премиери, еврокомесари, водечки владини претставници, поранешни претседатели, премиери и министри за надворешни работи, како и претставници на партии од целиот демократски спектар со акцентот на централно левичарски, левичарски и прогресивни сили. 

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, од нашата земја, на конференцијата планирано е да учествуваат поранешните премиери Зоран Заев и Владо Бучковски, поранешниот министер за надворешни работи поранешен и поранешен вицепремиер Никола Димитров и Венко Филипче како директор на „Фондацијата Заев“.

Дополнително, според истите информации, планирано е учество и на четворица европски комесари, на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, на премиерот на Србија Милош Вучевиќ, на поранешните премиери на Шведска и Грција Стефан Лофвен и Јоргос Папандреу, поранешниот претседател на ЕП Мартин Шолц, на поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, како и на градоначалниците на Атина и Истанбул.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ќе се обрати преку видеопорака, во пресрет на доделувањето на „Наградата од Преспа“ за специјалниот претставник на ОН во преговорите Метју Нимиц, кој исто така ќе биде присутен на конференцијата, за неговиот придонес во Договорот од Преспа.

На дводневната конференција, според истите информации на МИА, планирани се низа панел дискусии, меѓу кои и една на која Заев и Ципрас ќе одговараат на прашања поврзани со Договорот од Преспа.

Меѓународната конференција ќе биде прва од низата настани и иницијативи на „Институтот Алексис Ципрас“ во следниот период со цел да започне поширок јавен дијалог за иднината на Грција и Европа. ср/са/

Остани поврзан