• среда, 27 ноември 2024

Актуелниот парламентарен состав треба да одржи седница за инаугурација на новиот претседател, нов Парламент до 28 мај

Актуелниот парламентарен состав треба да одржи седница за инаугурација на новиот претседател, нов Парламент до 28 мај

Скопје, 28 март 2024 (МИА) – Најдоцна до 28 мај треба да биде свикана конститутивната седница на идниот парламентарен состав, согласно новиот Деловник на Собранието. Седницата ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, согласно роковите од новиот Деловник, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска на средба со новинарите информираше дека тој исто така до 12 мај треба да ја свика и седницата за инаугурација на новиот претседател, по изборите на 24 април и евентуален втор круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори. 

Во Собранието денеска треба да започне последната нова пленарна седница и да заврши до утре, а закажани се и продолженија на неколку други седници. Митрески нагласи дека на седницата е предложена Декларација за одбележување на четвртата годишнина од НАТО и 75 години од основање на Алијансата. Претседателот на Собранието смета дека е многу значајно да се донесе оваа Декларација на самиот крај овој мандатен состав и со тоа ќе остават порака за идните пратеници.

Тој вели дека има простор до почетокот на кампањата за претседателските избори следната недела за седница за евентуални итни прашања. Додека трае изборната коампања не планира да свикува седници и сите други активности на Собранието ќе бидат сведени на неопходниот минимум со цел да се избегне можноста за злоупотреба на собраниската говорница. Митрески посочи дека ова се редовни парламентарни избори и дека согласно Уставот, Собранието не е распуштено и останува во постојано заседание. 

За време на овој парламентарен состав 2020-2024 закажани се 149 седници, 102 се завршени, а 46 незавршени. Донесени се 548 закони. Имајќи ги предвид и другите акти, одлуки и извештаи вкупниот број е 832. Не се донесени 130 акти кои се влезени во процедура и не се завршени. 

Во мандатот на Митрески што започна на 26 јануари, донесени 72 закони и одлуки. ев/ац/

Фото: Собрание

Остани поврзан