Активирана војската поради насилните протести во Минеаполис
- Гувернерот на Минесота, Тим Волц синоќа ја активирал Националната гарда поради насилните протести во Минеаполис по смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд при апсење.
Минеаполис, 29 мај 2020 (МИА) - Гувернерот на Минесота, Тим Волц синоќа ја активирал Националната гарда поради насилните протести во Минеаполис по смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд при апсење.
Протестите почнаа во средата, а гневните демонстранти ограбувале продавници и уништувале се пред нив.
Градоначалникот Џејкоб Фреј побарал од гувернерот Волц да испрати воени единици.
Гувернерот повика на мир, истакнувајќи дека насилството претставува „исклучително опасна ситуација“ и побара од луѓето да се разотидат.
Протестите избија по смртта на Џорџ Флојд, кој наводно починал од задушување откако полицаец се обидел да го уапси и со коленото му го притиснал вратот.
Канцеларијата на американскиот јавен обвинител и Федералното истражно биро (ФБИ) во Минеаполис соопштија дека спроведуваат кривична истрага за смртта на Флојд. гт/