• петок, 22 ноември 2024

Активен пожарот на планината Серта во штипскиот регион, нема опасност по селата Драгоево и Селце

Активен пожарот на планината Серта во штипскиот регион, нема опасност по селата Драгоево и Селце

Штип, 13 јули 2024 (МИА) - За само еден ден опожарени се над 100 хектари ниско стеблеста, дабова шума и мал дел на борова шума на планината Серта меѓу штипските села Селце и Драгоево, изјави за МИА командирот на Територијалната противпожарна единица од Штип, Благој Ренџов.

Тој посочува дека пожарот оди во правец на воениот полигон Криволак.

- Утринава околу пет часот рано наутро излегоа на терен две екипи на пожарникари, имавме помош од месното население од селата Драгоево и Селце и од Ловното друштво. Имавме помош и од воздух - еден хеликоптер на МВР, но поради високите температури, хеликоптерот беше повлечен околу 13 часот. Теренот е непристапен, само може да се гаси од воздух, изјави Ренџов за МИА.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека денеска полицискиот хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици кој дејствуваше врз пожарот што избувна на планината Серта меѓу штипските села Драгоево и Селце во 10 налета исфрлил над 15 тони вода.

Командирот на ТППЕ-Штип, Ренџов за МИА вели дека утре во пет часот повторно ќе излезат на терен.

- Поголем дел е локализиран, но пожарот се шири кон Криволак. Двете села Селце и Драгоево се безбедни и нема опасност за нив. Стапивме во контакт со АРМ, утре најверојатно и војската ќе биде ангажирана и се надеваме дека ќе имаме поддршка од воздух, со што ќе успееме да го локализираме пожарот, вели Ренџов.

Секое лето има пожари на овој потег, а пожарникарите и сите институции се ангажираат на терен на овој непристапен планински терен. вдј/бак/

Фото: МИА и МВР 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан