• четврток, 20 февруари 2025

Ако имаме добро решение, таа постапка може да почне веднаш, вели Гаши за уставните измени

Ако имаме добро решение, таа постапка може да почне веднаш, вели Гаши за уставните измени

Скопје, 17 февруари 2025 (МИА) – Претседателот на Собранието, Африм Гаши смета дека „нашите пријатели нема да нè стават во ситуација да избираме“ и нагласува дека „ е многу стратешки, во интерес на нашата држава и сите граѓани, да продолжиме да одиме со тие две нозе – а тоа се Брисел и Вашингтон“.

Прашан дали смета дека сè уште е жива идејата за уставни измени со одложено дејствие, Гаши во интервју за „360 степени“ вели „дека сите идеи треба да бидат на маса“. 

-Ако сме креативни и креираме повеќе идеи, тоа е подобро за решавање и мислам дека треба да дојдеме до нешто што е најдобро можно во моментов. Не треба да бидеме заложници на некоја идеја или од каде доаѓа таа идеја. Треба да имаме волја да најдеме решение за спорот. Мислам дека тоа е нашиот главен интерес. Кој и да има таква идеја, еве бараме помош и од нашите пријатели во Брисел, во важните земји, јас и лично веќе седум-осум месеци ја развив таа парламентарна дипломатија која не беше во минатото развиена токму во оваа насока. Убедувајќи ги нашите пријатели да помогнат да се тргне таа последна пречка за да ги отпочнеме преговорите, изјави Гаши. 

На прашањето дали има чувство дека прашањето за уставните измени е веќе оставено за решавање по локалните избори, Гаши одговара негативно. 

- Го немам тоа чувство бидејќи, како што реков, ние секојдневно работиме на таа тема и ако имаме денеска добро решение, таа постапка може да почне веднаш. Мислам дека и ВМРО-ДПМНЕ пред изборите тоа го кажа во нивната програма, дека би пристапиле кон уставни измени ако има предвидливост, рече Гаши.

Бугарија има нова влада, но не можеме да очекуваме веднаш голем успех во разговорите, вели Гаши, нагласувајќи дека добро е што се остварува комуникација и со дијалог и отвореност.

-Гледајќи на овој проблем низ призма на заеднички интерес и на двете држави и на двата народа, македонскиот и бугарскиот, во смисла на регионална сигурност, мислам дека е од заеднички интерес да пристапиме кон решавање на овој спор. Односно да се тргне бугарското вето за отворање на преговорите на нашата земја со ЕУ. Мислам дека Бугарија ништо не губи, напротив, јас сум убеден дека тие добиваат, но само треба да чекаме малку време да спласне тензијата, да се разговара на масата со аргументи. Да го сфатат и нашиот контекст. И мислам дека САД и Брисел, ако помогнат малку, убеден сум дека уште малку ни треба да се одврзе овој јазол, изјави Гаши.

Прашан за разликите меѓу новата американска администрација и Европа за важни теми и вредносни прашања на кои сведочиме во изминатите неколку дена, Гаши вели дека „умешно и паметно во 1990-тите години сме определиле јасно и точно која е нашата цел и каде се нашите стратешки цели и дека нашиот од кон развивање на државата и вклучување во меѓународните односи ќе се одвива преку Брисел и Вашингтон.

- По овие нови настани јас мислам дека нашите пријатели нема да нè стават во ситуација да избираме. И мислам дека во никој случај не треба да се определиме за еден или за друг. Јас мислам дека е многу стратешки, во интерес на нашата држава и сите граѓани, да продолжиме да одиме со тие две нозе – а тоа се Брисел и Вашингтон“, вели Гаши.

Гаши не очекува радикална промена на надворешната политика на САД со претседателот Доналд Трамп, посочувајќи дека „ не се работи за изолационизам, туку за друг пристап на решавање на пробелеми“.

-Ние треба да бидеме паметни и да не влегуваме во некаква замка како би направиле разлики. Треба да се држиме до нашите вредности што сме ги граделе како држава и како граѓани со овие два главни партнери и мислам дека треба да останеме на тие вредности. Ако некој скршнува од тие вредности, треба да продолжиме, но не гледам таков предизвик. Мислам дека Брисел и Вашингтон нема да не постават пред предизвикот да се одлучиме да продолжиме да одиме со едниот, а без другиот, изјави Гаши. аа/мд/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан