• вторник, 24 декември 2024

Ако ЕЦБ ги намали каматите, тоа ќе се рефлектира и кај нас, но не со таа динамика како во ЕУ

Ако ЕЦБ ги намали каматите, тоа ќе се рефлектира и кај нас, но не со таа динамика како во ЕУ

Струга, 18 мај 2024 (МИА) – Неизвесно е што ќе се случува со каматните стапки. Ако Европската централна банка почне да ја намалува каматната стапка тоа ќе има ефект и кај нас, меѓутоа можеби не со таа динамика како во земјите од Европската унија, бидејќи ние имаме повисока стапка на инфлација од нив, сметаат експертите кои денеска присуствуваа на 29. Годишно собрание на АЦИ Македонија.

Едногласни се дека Народната банка ќе ја следи политиката на Европската централна банка, но состојбата се усложнува бидејќи не се знае што ќе се случува со американските федерални резерви, кои исто така имаат влијание на каматните стапки. 

Според академик Таки Фики, Народната банка ја следи политиката што ја води Европската централна банка и оттука произлегува очекуваноста дека ако ЕЦБ ги намали каматите, ќе бидат намалени и каматните стапки во земјава.

- Знаете дека денарот е врзан со еврото, што значи на еден или друг начин го увезуваме кредибилитетот на Европската централна банка и политиката што ја води Европската централна банка ја следи нашата Народна банка. Податоците особено после 2013 година покажуваат дека има неверојатно совпаѓање, синхронизираност меѓу движењето на каматната стапка во Европската централна банка и кај нас, појаснува академик Фити.

Првиот човек на АЦИ Македонија Бојан Цветановски вели дека состојбата е неизвесна, но дека од она што се гледа последните денови, веќе се антиципира одредено намалување на каматните стапки и во САД, иако тоа најверојатно ќе биде од септември.

- Мислам дека нашата Народна банка ќе ја следи Европската централна банка, каде намалувањето од 25 основни поени се очекува во јуни, тоа е прв чекор, но претседателката Лагард кажа дека тоа не најавува ново темпо на намалување. Се ќе зависи од натамошните движења на инфлацијата и пред се на цените на пазарот на стоки, појјаснува Цветановски.

Економските очекувања во САД, според него, зависат и од тоа кој ќе го добие идниот претседателски мандат, а особено внимание треба да се посвети и на цената на нафтата. 

- Нафтата е инпут за производство за другите суровини за производство и нејзината висока цена може да значи нови инфлаторни притисоци. Сега имаме смирување на цената која падна од 90 на 83 долари за барел, појаснува Цветановски.

Поради високата инфлација во земјата, Народната банка на неколкупати беше принудена да ја зголеми основната каматна стапка на благајничките записи. сс/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан