• сабота, 23 ноември 2024

АЗЛП: Ќе се проверува дали имало нарушување на безбедноста на личните податоци по хакирањето на веб-страницата на МОН

АЗЛП: Ќе се проверува дали имало нарушување на безбедноста на личните податоци по хакирањето на веб-страницата на МОН
Скопје, 12 септември 2022 (МИА) - Министерството за образование и наука (МОН) досега не доставило до Агенцијата за заштита на лични податоци известување за нарушување на безбедноста на личните податоци, откако пред два дена сајтот на Министерството беше цел на напад на хакерска група. Веб-страницата на МОН и денеска не е достапна за јавноста. Од Агенцијата за МИА наведуваат дека по службена должност ќе истражат и ќе проверат дали дошло до нарушување на безбедноста на личните податоци кои се обработуваат на веб-страницата на МОН. - Досега во Агенцијата, од страна на Министерството за образование и наука (МОН) нема доставено известување за нарушување на безбедноста на личните податоци. Агенцијата по службена должност ќе истражи и провери дали дошло дo нарушување на безбедноста на личните податоци кои се обработуваат на веб-страницата на МОН, односно дали обработката на личните податоци е во согласност со правилата на Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија 42/20 и 294/2021). Во зависност од состојбата Агенцијата може да поведе постапка на вршење вонредна супервизија, се наведува во информацијата што МИА ја доби од Агенцијата за заштита на личните податоци. Во случај на нарушување на безбедноста на личните податоци, како што наведуваат од Агенцијата, контролорот, во конкретниот случај Министерството за образование и наука, мора веднаш и не подоцна од 72 часа откако дознал за нарушувањето да ја извести Агенцијата за заштита на личните податоци на incident@privacy.mk. - Кога известувањето до Агенцијата не е поднесено во рок од 72 часа, заедно со известувањето треба да биде доставено и образложение за причините за доцнењето, посочуваат од АЗЛП. Доколку нема можност за известување на Агенцијата за заштита на личните податоци во рок од 72 часа, додаваат, контролорот може да го достави известувањето постепено, без понатамошно непотребно одложување. - Оваа обврска не се применува во случаи каде нема веројатност дека нарушувањето на безбедноста на личните податоци ќе резултира во голем ризик за правата и слободите на физичките лица, велат од Агенцијата. Веб-страницата на Министерството за образование и наука (МОН) беше хакирана на 10 септември. На сајтот на МОН пишуваше дека е хакирана од грчки хакерски тим „Netwatchers“. Тогаш Mинистерството за образование и наука е во комуникација со Националниот ЦИРТ-центар за компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации каде што е пријавен случајот и од каде очекуваа со поддршка на МВР да се преземат конкретни активности за пронаоѓање на локацијата и изворот на нападите. Во меѓувреме ИТ-службата на МОН со поддршка од надворешни соработници презема дејствија за зајакнување на безбедноста на веб-страницата, по што повторно ќе биде активирана, наведоа од МОН. Од МОН во саботата посочија дека нема потреба од грижи за наводно преземање некакви бази на податоци на граѓаните, затоа што на веб-страницата не постојат такви позадински бази и има информативен карактер. ев/ац/

Остани поврзан