• вторник, 24 декември 2024

АЕТМ: Странските иматели на платежни картички за купување од македонски е-трговци лани потрошиле 21.76 милиони евра

АЕТМ: Странските иматели на платежни картички за купување од македонски е-трговци лани потрошиле 21.76 милиони евра

Скопје, 30 јуни 2023 (МИА) – Странските иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2022 година потрошиле 21.76 милиони евра, што во однос на претходната година претставува пораст од скоро 33 отсто. А во однос на 2016 година, вредноста на е-трансакциите од странство кон македонски е-продавници се зголемила за над 10 пати, додека бројот за речиси 19 пати, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, повикувајќи се на податоци од Народната Банка на Република Северна Македонија.

- Остварената вредност странските онлајн купувачи ја направиле во 618,932 трансакции или просечно потрошиле 35.2 евра по трансакција. Направената анализа за движењето на бројот и вредноста на направените онлајн трансакции од странци кон домашни е-трговци од 2016 година до 2022 година покажува дека има значаен пораст. Ако во 2016 година странците потрошиле онлајн кон македонските е-трговци само два милиони евра во 32.9 илјади трансакции, во 2022 вредноста е зголемена за над 10 пати, додека бројот на трансакциите за скоро 19 пати. Што се однесува до учеството на странците во вкупно остварената вредност на онлајн трансакциите и кон дома и кон странство од домашни и странски платежни картички тоа се зголемува од 2.2 отсто во 2016 на речиси 4 проценти во 2022 година, велат од АЕТМ.

Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци, 49 отсто припаѓаат на иматели на платежни картички од осум земји.

– Од иматели на платежни картички издадени во САД, потрошени се 3.6 милиони евра или 17 отсто од вредноста на трансакциите. Потоа 2.2 милиони евра или 10 отсто од Обединетото кралство и 1.7 милиони евра или 8 проценти од Швајцарија. Потоа следат германските иматели на картички кои направиле 4 отсто, Бугарија и Турција 3 проценти, и Шведска и Косово 2 отсто од вредноста на онлајн трансакциите, известуваат од АЕТМ.

Понатамошната анализа на АЕТМ на бројот и вредноста на направените трансакции од странство кон македонските е-трговци е направена подетално за земјите кои остваруваат 49 отсто од вкупно направената вредност. Најголем пораст на бројот како и на вредноста на направените онлајн трансакции од странски иматели на платежни картички во 2022 година во однос на претходната година е остварен од Швајцарија, додека највисока просечна трансакција е направена од Косово.

- Е-трговијата овозможува купување на производи и услуги од кој било крај на светот. Од анализата се гледа дека најмногу онлајн трансакции направени од странски иматели на платежни картички како по број така и по вредност се направени од земји каде што има македонски иселеници или од соседните земји. Тоа нè упатува на претпоставка која е основа за понатамошно истражување дека нашите иселеници се повеќе го користат овој канал за купување на производи и услуги на своите блиски од македонските е-продавници. Очекувањата се и понатаму да продолжи растот на вредноста и бројот на реализирани онлајн трансакции од странство односно најмногу од Македонци иматели на странски платежни картички кон македонски е-трговци. Секој пораст на е-трансакциите е важен за развојот на македонската е-трговија, вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија Нина Ангеловска. ир/аа/

Фото: АЕТМ

Остани поврзан