• вторник, 24 декември 2024

АЕК ги додели одобренијата за 5Г мрежата

АЕК ги додели одобренијата за 5Г мрежата
Скопје, 11 јули 2022 (МИА) - Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска на „Македонски Телеком“ и „А1 Македонија“ им ги додели одобренија за петтата мобилна генерација 5Г, со што станавме прва држава во Западен Балкан што воведува вистинска 5Г мрежа. Во моментов, како што изјави директорот на АЕК, Јетон Аќику, „Македонски Телеком“ веќе ја има покриено територијата на 16 града со 5Г мрежата и работи во делот на Тетово и Гостивар, а „А1 Македонија“ работи на покривање на територијата на Скопје. Според него, се очекува „Македонски Телеком“ прв да ја покрие целата територија на државата со функционална 5Г мрежа која треба да е 10 пати побрза од 4Г. - Направивме мерења на 5Г мрежата кои покажаа дека зрачењето кај оваа технологија е далеку помало од старото со 4Г. Како АЕК го направивме тоа што можевме, меревме, ќе мериме и ќе продолжиме да мериме за научно да покажеме дека нема такво зрачење како што обвинуваат на социјалните мрежи. Ќе се потрудиме да ги известиме граѓаните дека нема потреба за паника, рече Аќику по доделувањето на одобренијата. Тој нагласи дека веќе од следната година ќе почне постепеното намалување на цените на роамингот и на податочниот сообраќај, односно интернетот со земјите од Европската Унија и додаде дека очекува до 2027 година да има цени слични како што сега има роамингот со земјите од Западен Балкан во рамки на „Roam like at home“. Во роамингот со Западен Балкан, како што беше посочено на првиот јавен состанок на АЕК за годинава, веќе има значително зголемување во минути и искористен интернет. Тоа е услуга, која, како што истакнаа, е наменета да се користи периодично  односно при повремени посети во земјите од Западен Балкан, а не за постојано користење. Беше најавено дека неделава во Виена  ќе има координативен состанок за почеток на преговорите за намалување на церените на роамингот и за користење на податочниот сообраќај со земјите од ЕУ. До АЕК годинава пристигнале 256 барања за решавање на спорови од кои 74 отсто се веќе решени со што првичниот рок од четири месеци за решавање на барањата е намален на 50 дена. Од нив 53 отсто се решени во корист на барателите што, како што велат од АЕК, покажува дека се зголемува свесноста на корисниците зошто и кога да приговараат и на основаноста на нивните приговори. Речиси и да нема приговори во однос на роамнигот со Западен Балкан. Најмногу од барањата се за незадоволството за мобилната телефонија, а потоа за телевизијата и за другите ставки. Забележани се прекинувања на тарифни договори на сред договор, кои не смеат да се прекинат без согласноста на корисникот, а од АЕК им препорачаа на корисниците да ги прочитаат договорите пред да ги потпишат. Во делот на измамничкиот меѓународен говорен сообраќај во соработка со двата мобилни оператори корисниците, како што беше нагласено, биле заштитени од плаќања големи сметки. На претплатниците на домашна мрежа им се генерирале дојдовни повици од странски мрежи најчесто кон Австрија, Шпанија и Португалија и други подалечни дестинации. Тие во соработка со операторите биле комплетно блокирани на нивната мрежа и при решавање на бројните предмети кои стигнале до АЕК било одлучено корисниците да немаат обврска да плаќаат ништо доколку не била воспоставена крајната дестинација на повикот и нивните приговори биле усвоени. Оваа појава во моментов е комплетно отстранета од стана на АЕК и операторите. вј/сп/

Остани поврзан