АД ЕСМ: Работна средба со КФВ банка за нови инвестиции во обновливи извори
- Идните инвестиции на АД ЕСМ во обновливи извори на електрична енергија беа во фокусот на средбата меѓу раководството на компанијата и високи претставници на германската државна развојна банка КфВ.
Скопје, 24 февруари 2023 (МИА) - Идните инвестиции на АД ЕСМ во обновливи извори на електрична енергија беа во фокусот на средбата меѓу раководството на компанијата и високи претставници на германската државна развојна банка КфВ.
Како што информираат во денешното соопштение од АД ЕСМ, банката која поддржува проекти од енергетската транзиција, е заинтересирана да понуди нови поволни кредитни линии за АД ЕСМ, пред се, за изградба на фотонапонски електрани во РЕК Битола, но и на други локации во рамките на подружниците низ државата.
-Токму со кредит од КфВ е веќе изградена првата фотонапонска електрана во целосна сопственост на државата, односно на АД ЕСМ, ФЕ Осломеј-1 во Кичево, а вчера се потпиша договор за нов заем за ревитализација на шесте големи хидроелектрани: Вруток, Врбен, Равен,Тиквеш, Шпилје и Глобочица, велат од АД ЕСМ.
Оттаму додаваат дека со поволни кредитни линии од КфВ финансирани се двете фази од изградбата на ветерниот парк Богданци, како и изградбата на Топлификација за Битола, Новаци и Могила. сст/
Фото: АД ЕСМ