• понеделник, 23 декември 2024

Адеми: Авганистанците кои ги згрижуваме работеа за Би-Би-Си, Фридом Хаус, НДИ и други демократски мисии

Адеми: Авганистанците кои ги згрижуваме работеа за Би-Би-Си, Фридом Хаус, НДИ и други демократски мисии
Скопје, 22 август 2021 (МИА) - Имаме воспоставено систем, преку кој добиваме листа со имиња и податоци за авганистанските бегалци, кои потоа се проверуваат во МВР и АНБ и не треба да се грижиме за безбедносен ризик, уверува советникот за надворешна политика во Владата, Едмонд Адеми. Во изјава за ТВ Сител тој истакна дека во овој момент станува збор за бројка од 643 луѓе, иако, посочи Адеми, можеме да прифатиме до 1800, но се зависи од ситуацијата во Кабул, односно колкумина ќе можат да се извлечат. -Сите овие луѓе ќе бидат процесуирани кон САД или трети земји. Тие веќе работат за реномирани меѓународни организации и фирми, а ние привремено ќе ги згрижиме додека им се извадат специјални мигрантски визи за во САД. Кај нас, согласно Законот за странци, ќе им се издава виза за престој до 90 дена, вели Адеми. Според него, амбицијата на овие бегалци е да продолжат да работат за фирмите за коишто досега работеле и затоа вели дека нема потреба од лажни вести дека за нив ќе се отвораат работни места. Адеми дополни дека голем дел од бегалците кои ги очекуваме се вакцинирани, околу 80%. -Станува збор за 650 лица кои се членови на семејства на вработени во Националниот демократски институт, Отворено општество, Обединетите нации, но и новинари интелектуалци и експерти од Би-Би-Си, Њујоркер, Фридом Хаус, како и студенти на меѓународни универзитети, заклучи Адеми.

Остани поврзан