• вторник, 24 декември 2024

Адвокатот на Алил Демири потврдил дека косовскиот суд го ослободил неговиот клиент

Адвокатот на Алил Демири потврдил дека косовскиот суд го ослободил неговиот клиент

Приштина, 25 август 2023 (МИА) – Косовскиот адвокат Бесник Бериша денеска изјави дека судот во Приштина го ослободил неговиот клиент Алил Демири, осудениот на доживотен затвор во Северна Македонија за кривичното дело „тероризам“ за петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Бериша за порталот „Сињали“ (sinjali.com) изјавил дека надлежниот обвинител во случајот го повлекол барањето за изрекување мерка притвор, така што Демири, кој вчера беше уапсен од косовската полиција, врз основа на меѓународна потерница распишана од македонското МВР, веќе е пуштен на слобода.

- По доказите кои беа изложени од одбраната и дополнителните аргументи изнесени на испитното рочиште на кое се разгледа барањето на Обвинителството за изрекување мерка притвор, обвинителот кој го изнесе предлогот се повлече од барањето, изјави Бериша.

Тој додаде дека и вчера бил убеден оти апсењето на Демири е извршено на незаконит начин и „претставува флагрантно кршење на неговите законски и уставни права“.

За истиот портал, Бериша синоќа изјави дека Демири не може да се екстрадира во Северна Македонија, бидејќи барањето на македонските власти е одбиено од косовските судови во две инстанци.

- Али Демири беше приведен и уапсен на незаконит начин, врз снова на налог на Интерпол за работа која веќе е истретирана од нашиот суд... Тој не може да биде екстрадиран во Северна Македонија и јас сум уверен деке тој утре ќе им се врати на неговото семејство и пријателите, изјави синоќа Бериша.

Демири, според неговиот адвокат, е „невин за исконструрианото и извршено злосторство од страна на македонските тајни служби“.

Порталот „Сињали“ објави и фотографија на Бериша и Демири пред комплексот згради, во кој се наоѓаат Обвинителството на Косово и Основниот суд на Приштина. иа/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан