• сабота, 21 февруари 2026

Австрија со иницијатива за реструктурирање на новиот буџет на ЕУ со цел заштеди

Австрија со иницијатива за реструктурирање на новиот буџет на ЕУ со цел заштеди

Виена, 20 февруари 2026 (МИА) – Како одговор на предлогот на Европската комисија во следниот повеќегодишен буџет на ЕУ административните трошоци да бидат зголемени за речиси 40 проценти и да бидат отворени околу 2.500 нови работни места, австриската министерка за европски прашања Клаудија Бауер и државниот секретар Александар Прол покренаа иницијатива и го повикаа Брисел да штеди средства, пренесе БТА.

Во писмо до комесарот за буџет Пјотр Серафин, потпишано од уште осум земји од ЕУ, се бара реформите да важат и во рамките на институциите.

„Оној кој бара од државите членки да штедат, мора да почне од сопствениот дом. Во времиња на ограничени буџети, зголемувањето на администрацијата и создавањето дополнителни работни места е погрешен сигнал во погрешно време. Европската комисија е веродостојна само ако ги применува истите стандарди и кон себе“, изјави Бауер во информација од министерството за австриските медиуми.

Новиот буџет е за периодот од 2028 до 2034 година. Генерално, буџетскиот план мора да биде реструктуриран за да стане поедноставен и поефикасен, се вели во информацијата. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан