Австралија под зголемена закана од шпионажа и саботажи, предупредува шефот на разузнавачката служба
- - Припадници на одбраната се таргетирани лично и преку интернет. Некои неодамна добија подароци од меѓународни партнери, кои содржеа прикриени уреди за надзор, рече Бургес.

Мелбурн, 20 февруари 2025 (МИА) - Австралиската безбедносна и разузнавачка организација (ASIO) предупреди дека земјата во следните пет години ќе се соочи со зголемени закани од шпионажа, странско мешање и можни саботажи, јави ДПА.
Во годишниот извештај за закани, генералниот директор на ASIO, Мајк Бургес, истакна дека повеќе земји „неуморно се обидуваат да приберат информации“ за австралиските воени капацитети.
- Припадници на одбраната се таргетирани лично и преку интернет. Некои неодамна добија подароци од меѓународни партнери, кои содржеа прикриени уреди за надзор, рече Бургес.
Тој истакна дека безбедносниот сојуз АУКУС (Австралија, САД и Велика Британија) ќе остане „приоритетна цел за разузнавачките служби, вклучително и на земји што ги сметаме за пријателски“.
Според ASIO, „мал број авторитарни режими“ покажуваат сè поагресивно и опасно однесување, што води кон кршење на непишаните правила во шпионските операции.
- Ако шпионската игра имала правила, тие сега се препишуваат. Ако постоеле црвени линии, тие се замаглуваат или намерно се бришат, предупреди Бургес.
Тој откри дека најмалку три странски земји планирале да наштетат на лица што живеат во Австралија. Во еден случај, разузнавачка служба се обидела да измами активист за човекови права да отпатува во трета земја, каде што планирале да инсценираат „несреќа“ со цел да го повредат или убијат.
- За среќа, ASIO го спречи ова патување и го осуети заговорот, додаде Бургес.
Во 2023 година, разузнавачките податоци укажале дека друга странска служба планирала да повреди, а можеби и да убие, лица на австралиска територија.
- Заговорите како овие се одвратни. Тие не само што целат на луѓето, туку претставуваат директен напад врз австралискиот суверенитет и слободите што ги вреднуваме, заклучи Бургес. ссм/
фото: архива