Аврамовска Мадиќ: Излезноста на внатрепартиските избори за претседател на СДСМ 54 отсто
- Од вкупно запишаните во избирачкиот список за избор на претседател на СДСМ до 19.45 часот, се излезени 12.608 или 54 проценти од запишаните. Сите 77 избирачки места беа отворени и општинските изборни комисии го спроведуваа согласно правилниците, донесени од Централниот одбор и одредбите на Статутот на партијата, изјави вечерва претседателката на Централната изборна комисија, Викторија Аврамовска Мадиќ оценувајќи го процесот за демократски и успешен.
Скопје, 30 јуни 2024 (МИА) - Од вкупно запишаните во избирачкиот список за избор на претседател на СДСМ до 19.45 часот, се излезени 12.608 или 54 проценти од запишаните. Сите 77 избирачки места беа отворени и општинските изборни комисии го спроведуваа согласно правилниците, донесени од Централниот одбор и одредбите на Статутот на партијата, изјави вечерва претседателката на Централната изборна комисија, Викторија Аврамовска Мадиќ оценувајќи го процесот за демократски и успешен.
Таа посочи дека во Општина Студеничани е констатирано дека предвреме е затворено избирачкото место од страна на Обштинската изборна комисија и поради тоа Централната изборна комисија одлучила да го поништи гласањето.
-Вкупно акредитирани во општинската организација на Студеничани се 66 гласачи, а до моментот на затворање на избирачкото место гласале 51 гласач, со тоа што констатирано е дека оваа бројка нема да влијае на конечниот резултат. Констатирано е прекин на гласањето и во Општина Гевгелија од 10 минути, поради кршење на избирачката кутија од страна на член на Социјалдемократскиот сојуз. Извршена е замена на кутијата и гласањето е продолжено во најдобар ред, рече претседателката на ЦИК.
Во текот на денот до ЦИК, додаде таа, пристигнале и повеќе приговори.
-Прифатени се приговори во шест општински организации на седум членови на кои им се овозможи гласање, иако не беа во избирачкиот список, затоа што по проверката во системот се констатира дека истите овие членови се акредитирале и се регистрирале во системот за активна регистрација. Вкупно 44 членови од девет различни општини доставија пријава до Централната изборна комисија да им биде овозможено да можат да гласаат. Овие приговори се одбиени поради тоа што по проверка во системот се констатираше дека не се акредитирани преку активна регистрација и не доставиле образец за активна регистрација во нивната општинска организација, наведе Аврамовска Мадиќ.
Таа нагласи дека сите овие примери кои што ги наведе се значителни и немаат речиси никакво влијание на целиот процес, но во името на транспарентноста и информирањето на членовите и на јавноста Централната изборна комисија одлучила да ги соопшти.
-Упатуваме благодарност во името на Централната изборна комисија за сите оние кои беа дел од овој процес за успешниот и демократски процес спроведен на внатрепартиските избори во СДСМ. По завршување на обработката на податоците во 77 избирачки места Централната изборна комисија ќе ги соопшти конечните резултати, рече Аврамовска Мадиќ.
Кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски, денеска по гласањето во своето избирачко место рече дека на голем број членови на партијата не им било овозможено да гласаат, за што Мадиќ рече дека станува збор за мал број на гласачи кои не биле активно регистрирани.
Деспотовски по завршување на гласањето преку соопштение им се заблагодари на членовите кои излегле да гласаат, и најави дека веќе утре ќе поднесе приговори до ЦИК со забелешките од мрежата контролори низ цела држава од неговиот тим.
По гласањето на своето избирачко место во Општина Карпош, поранешниот министер за здравство и кандидат за претседател на СДСМ, Венко Филипче, рече дека целокупниот процес на гласање на внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, се одвива мирно, во како што рече, позитивен дух меѓу сите другари и другарки кои излегуваат на гласање.
Претседателката на ЦИК информираше дека вечерва пред 22 часот ќе се обрати победникот на вонредните внатрепартиски избори.
Изборот на претседател треба да се изврши од вкупниот број на излезени, односно оној којшто ќе оствари 50 плус 1 отсто од гласовите на излезените, а доколку тоа не се случи тогаш гласањето ќе се повтори во втор круг. Избирачкиот список брои вкупно 23.373 акредитирани членови на СДСМ. ра/вг/
Фото: МИА