• среда, 27 ноември 2024

Аврамовска-Мадиќ: Ако правдата не е достапна за сите тогаш таа не е право, туку привилегија

Аврамовска-Мадиќ: Ако правдата не е достапна за сите тогаш таа не е право, туку привилегија

Скопје, 5 декември 2023 (МИА) - Сите сме еднакви и заслужуваме правда. Ако правдата не е достапна за сите тогаш таа не е право, туку привилегија. Нееднаквиот пристап до правдата е неправда, затоа ќе овозможиме навремено пристап до правдата и повикуваме на сите оние кои имаат потреба не само за родово и семејно насилство и парична помош, и каква и да е друга бесплатна правна помош во нашите канцеларии да можат слободно да се обратат и Министерството за правда е тука за да може да ги пружи сите оние услуги кои се поврзани во нашата надлежност.

Ова го истакна денеска заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, во своето обраќање на настан во рамки на кампањата „Сложувалка“ денеска во Скопје, изразувајќи голема благодарност до институциите и организациите кои во изминатиот период соработуваа со министерството со цел да го подобрат пристапот до правда на жртвите на насилство.  

- Државата сега ги презема сите неопходни мерки, за да им овозможи на лицата жртви на насилство да не им е ограничено уживање и заштита на нивните права, како резултат на непромисливи пречки во системскиот пристап до правдата, што го имаше досега, рече Аврамовска-Мадиќ. 

Таа, исто така, потсети дека родовото базираното и семејно насилство правосудниот систем во РСМ ги третира како кривични дела за кои се предвидени соодветни затворски казни, затоа што насилството спрема жената вклучително и домашното насилство е еден од најсериозните форми на повреда на човековите права кои бараат кривично правен одговор.  

- Исто така, Владата на РСМ ги поддржа и глобалните напори за превенција и борба со насилство спрема жената кои бараа мултидисциплинарен однос и сеопфатен пристап. Министерството за правда е партнер на граѓаните во обезбедување бесплатна правна помош, едукација на граѓаните за своите законски права и обезбедување пристап до јавните услуги, подвлече Аврамовска Мадиќ, потсетувајќи на Законот за бесплатна правна помош кој е стапен во сила уште во 2019 година, каде што, како што рече, е наведено значењето и подобрувањето на пристапот до правата на жртвите на насилство, како и на системски закони и измените и дополнувањето на Кривичниот законик со воведување на кривично дело „фемицид“.

Во меѓувреме, додаде,  Министерството за правда имало организирано и обуки за вработените во подрачните одделенија за бесплатна правна помош, со поддршка на заеднички проекти со ЕУ и Советот на Европа.  

- Националното координативно тело за бесплатна правна помош е успешен механизам со кој Владата на РСМ овозможува континуирана координација и комуникација помеѓу Министерството, здруженија на граѓани, правните клиники и адвокатите и изготвен е промотивен материјал за запознавање на граѓаните со бесплатна правна помош, функционира веб-страницата, обезбеден е медиумска промоција, а буџетот за оваа услуга е зголемен и на пет милиони денари во Министерството за правда, нагласи заменик министерката за правда. 

Таа говореше и за преземени конкретни заложби за маргинализираните групи. 

- За позицијата на Ромите во Шуто Оризари исто така посебно се заложи Министерството за правда во овој мандат да отвори канцеларија за бесплатна правна помош со Совет на Европа. Ваква канцеларија отворивме и во многу други општини што им понуди правна помош не само на ранливите категории, туку и на сиромашните. Исто така, склучен е и Меморандум за соработка со самата Општина Шуто Оризари за соработка за оваа канцеларија и од увид на досегашните постапки можеме да воочиме дека предмети бележат успех, односно завршуваат со позитивен исход за странката, истакна таа. 

Аврамовска-Мадиќ напомена дека во 2022 година беше донесен Законот за исплата на паричен надомест на жртви од кривични дела со насилство.

Ајсел Амет, рече дека Здружението „Иницијатива за права на жените“ функционира веќе две години формално како невладина организација, што се занимава со човековите права, особено со женските права. Исто така, обрнува внимание и работи на аспектот на здравјето на жената, репродуктивното здравје, насилството, сите оние предизвици со коишто се соочува жената во секојдневието и во општеството. Неодамна  се вклучиле во националната кампања на УНАФПА  што во рамки на проектот Сиарка организира, спроведува работилници во заедницата.

 - Активностите се  во рамките на нашата организација каде што се нуди помош на жртви од семејно и родово базирано насилство.  Работилниците ги правиме паралелно додека трае периодот на кампањата „Сложувалка“, така што тука се поклопуваме, рече таа. 

Во своето обраќање, извршната директорка на „Паблик“, Клементина Илијевски, зборуваше за личните искуства со извлекување на жртвите од кругот на насилство и нивно интегрирање на пазарот на трудот. Таа го објасни социјалното менторство како процес и кажа дека оние кои сакаат да се вклучат на пазарот на трудот, а немаат храброст да го направат тоа, социјалните ментори се тука за нив.

- Моментално работиме и на измени на Законот за социјална заштита, со што менторираното лице нема да ја изгуби гарантираната минимална помош кога е вклучено во процесот на социјално менторирање. Од сите досегашни вработување преку социјалното менторство 80% го задржале своето вработување, односно од 15 жени жртви на насилство 13 се на пазарот на трудот додека три од нив побарале дополнителна помош за напредок во работното место, рече Илијевска. бд/аа/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан