• четврток, 26 декември 2024

Авион од „Војна на ѕвездите“ продаден за 3,1 милион долари

Авион од „Војна на ѕвездите“ продаден за 3,1 милион долари

Далас, 17 октомври 2023 (МИА) - Минијатурен борбен авион „Екс-винг“ (X-wing), користен во снимањето на „Војна на ѕвездите“, е продаден на аукција викендов за 3,1 милион долари, објави куќата „Херитиџ окшнс“ (Heritage Auctions), со седиште во Далас, Тексас, САД.

На наддавањето се прибрани 13,6 милиони долари, а беа прикажани предмети создадени и собрани од холивудскиот креативен дизајнер Грег Џејн. Тој почина лани на 76-годишна возраст. Според Џо Мадалина, извршен потпретседател на аукциската куќа и долгогодишен пријател на Џејн, оваа аукција го претставува „наследството на вистински мајстор за специјални ефекти“, кој бил и голем колекционер.

Грег Џејн е добитник на „Оскар“ и номиниран за „Еми“, чијашто кариера траеше речиси половина век. Меѓу предметите коишто Џејн ги собрал се костими, реквизити, сценарија, уметнички дела, фотографии.

Црвениот „Екс-винг“ е користен во филмот од 1977 година - „Војна на ѕвездите: Епизода IV - Нова надеж“ (Star Wars: Episode IV - A New Hope). Натаму, „униформа“ на војник „стормтрупер“ е купена за 645.000 долари, а на истиот настан е продаден и филмски вселенски костим од филмот на Стенли Кјубрик - „Вселенска одисеја, 2001“ од 1968 година - за 447.000 долари.

Грег Џејн во својата разновидна колекција имал и вселенски брод „СС Ботани беј“ од „Ѕвездени патеки“ (Star Trek), којшто достигна цена од 200.000 долари. Понудена беше и минијатура на вонземскиот вселенски брод од филмот на Стивен Спилберг од 1977. - „Блиски средби од трет вид“. Достигнатата цена е 55.000 долари.  си/

Фото: Интернет-страница на „Војна на ѕвездите“

Остани поврзан