• петок, 15 ноември 2024

Авганистан ќе се приклучи на разговорите за климата на ОН

Авганистан ќе се приклучи на разговорите за климата на ОН

Кабул, 10 ноември 2024 (МИА) – Авганистан ќе учествува на 29-та Конференција на Обединетите нации за климатски промени (ЦОП29) во Баку, Азербејџан, соопшти денеска Националната агенција за заштита на животната средина на земјата (НЕПА).

Како што пренесе ДПА, ова е значаен развој за Авганистан, бидејќи ќе биде првпат авганистанска делегација да биде поканета на самит на ЦОП по враќањето на Талибанците на власт во август 2021 година.

НЕПА додаде дека авганистанската делегација ќе се залага за зголемена меѓународна соработка во справувањето со климатските промени и ќе бара пристап до финансиските механизми за поддршка на напорите на земјата за ублажување и приспособување на климатските промени.

И покрај тоа што е една од земјите најранливи на климатските промени, а притоа минимално придонесува за глобалните емисии на стакленички гасови, Авганистан во последниве години беше исклучен од меѓународните дискусии за климата.

Според експертите, земјата се соочува со сериозни предизвици поврзани со климата, вклучително и катастрофални суши, смртоносни поплави и дезертификација, што доведува до масовно раселување.

Конференцијата, која ќе се одржи од 11 до 22 ноември, ќе ги собере светските лидери, климатските експерти и активисти за да разговараат и да се осврнат на итните климатски прашања. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан