• сабота, 21 декември 2024

Авганистанските талибанци формализираа сет од правила кои го дефинираат моралот

Авганистанските талибанци формализираа сет од правила кои го дефинираат моралот

Кабул, 23 август 2024 (МИА)  – Авганистанските талибанци неделава официјализираа долг сет од правила кои го дефинираат моралот, почнувајќи од тоа дека жените задолжително треба да го покриваат лицето, мажите да носат брада, а возачите не смеат да пуштаат музика во возилата, соопшти Министерството за правда.

Правилата, промовирани во согласност со исламскиот шеријатски закон, чија имплементација треба да ја обезбеди Министерството за морал, се темелат на декрет на врховниот духовен водач на талибанците од 2022 година и сега се официјално објавени како закон, рече портпаролот на министерството, пренесен од британските медиуми.

Министерството за морал веќе ги спроведе овие барања, а како што наведе илјадници лица веќе се приведени поради непочитување на дел од наведените одредби. Засега не е јасно дали официјалното објавување на прописите ќе доведе до нивна построга примена.

-Кодексот за моралноста има 35 члена и официјално беше објавен во средата, откако беше ратификуван од врховниот духовен водач Хајбатулах Акунзада, изјави портпаролот на Министерството за правда.

Казни за непочитување на прописите од овој законик може да бидат „давање совети, вербални закани, одземање имот, притвор од еден час до три дена јавен затвор, како и други мерки“, соопшти Министерството за правда, додавајќи дека доколку таквите чекори не го корегираат однесувањето на поединецот, истиот ќе биде проследен до судот, кој дополнително ќе одлучи за потребните дејствија.

Британските медиуми наведуваат дека многу од овие прописи веќе се применуваа во земјата, но сега се само формализирани.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан