• среда, 25 декември 2024

Абас и пред СБ на ОН ќе го отфрли планот на САД

Абас и пред СБ на ОН ќе го отфрли планот на САД
Њујорк, 11 февруари 2020 (МИА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас утре во Советот за безбедност на ОН ќе го повтори неговото отфрлање на американскиот план за Блискиот исток. Сепак, членовите на Советот нема да се изјаснуваат за резолуцијата со која се отфрла планот. Претседателот Доналд Трамп на 28 јануари ја претстави иницијативата на САД за ставање крај на израелско-палестинскиот конфликт. Високиот палестински функционер Саеб Ерекат ги негираше извештаите дека нацрт-резолуцијата е повлечена поради недостиг на поддршка, и истакна дека „гласината“ оти Палестинците ја повлекле резолуцијата е „неточна и целосно неоснована“. Првичната нацрт-резолуција која ја предложија Тунис и Индонезија, а ја поддржаа Палестинците, исто така тврдеше дека американскиот план го крши меѓународното право и ставот на Советот за безбедност за решение за две држави, засновано на границите пред војната во 1967 година. По долгите преговори за време на викендот и објавувањето на драстично изменет текст од страна на САД, Палестинците решија да не го ставаат нацртот во „сино“ - конечна форма за гласање, изјавија неколку дипломати кои сакаа да останат анонимни, бидејќи дискусиите биле приватни. Ерекат рече дека со оглед на тоа што резолуцијата не била ставена во сино, не може да се каже дека е повлечена. Планот на САД предвидува поделена палестинска држава која клучни делови од Западниот брег го спојува со Израел, и застанува на страна на Израел за прашања како што се границите, статусот на Ерусалим и еврејските населби. Палестинците ги бараат целиот Западен Брег и Источен Ерусалим, односно областите кои Израел ги зазема во војната во 1967 година и отстранување на повеќето од 700.000 израелски доселеници од овие области. јт/  

Остани поврзан