Дебата за бездомните кучиња во Делчево
- Претседателот на Советот и доктор по ветеринарна медицина Николчо Стојменовски иницира институционален и хуман пристап за решавање на проблемот со уличните кучиња
Делчево, 10 февруари 2026 (МИА) - Во Делчево е одржана дебата за опасностите од бездомни и улични кучиња како еден од покомплексните предизвици со кои се соочува општината.
На настанот кој се одржа на иницијатива на Николчо Стојменовски кој е доктор по ветеринарна медицина учествуваа претставници од општинската администрација, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), комуналната инспекција и инспекторатот за екологија.
-Со цел темата да се разгледа од повеќе институционални и стручни аспекти главен гостин и експерт на настанот беше д-р Воислав Димитровски, ветеринар кој долги години активно учество во решавањето на проблемот со бездомни кучиња на национално ниво. Во рамки на дискусијата се разгледаа актуелната состојба со популацијата на улични кучиња во Делчево и предизвиците што таа ги носи за граѓаните и за самите животни, информира Стојменовски.
Особено внимание како што додаде било посветено на современите и хумани методи за контрола на популацијата, вклучително заловување, стерилизација, вакцинација – со акцент на вакцината против беснило – и враќање на терен.
-Заклучокот од средбата е дека проблемот со бездомните кучиња бара континуиран, системски и координиран пристап, со тесна соработка меѓу институциите, стручната јавност и граѓаните, при што хуманото постапување со животните останува врвен приоритет, додаде Стојменовски.
Дополнително, учесниците дискутираа за законската рамка и обврските на општината во однос на справувањето со овој проблем. вс/
Фото: МИА