Водоводот и локални патишта приоритет за општина Старо Нагоричане
- Општина Старо Нагоричане со свои и со средства обезбедени од државата и други фондови ќе ги решава најкрупните инфраструктурни проблеми во општината, пристап до планинските села и водоводна мрежа во Младо Нагоричане
Куманово, 10 февруари 2026 (МИА) - Општина Старо Нагоричане со свои и со средства обезбедени од државата и други фондови ќе ги решава најкрупните инфраструктурни проблеми во општината, пристап до планинските села и водоводна мрежа во Младо Нагоричане, соопштија денеска од општината. Градоначалникот на општината, Мирослав Славковски кажа дека состојбата на дел од патната мрежа е критична и бара итна интервенција.

-Зборуваме за патишта по кои со години не е интервенирано. Во одредени планински села и оддалечени населени места, состојбата е таква што граѓаните тешко можат да поминат дури и со теренско возило. Во 21 век зборуваме за непроодни патишта и тоа е реален проблем со кој мораме итно да се справиме, изјави Славковски.

Огромната територија, големиот број рурални села и децениското недоволно инвестирање ја прават инфраструктурата еден од клучните приоритети на локалната самоуправа.
Општината планира во летниот период да распише јавна набавка за санација на најзагрозените локални патишта, со акцент на делниците каде со години нема направено никакви зафати.
- Ќе се фокусираме на најкритичните 18 локации. Таму каде што реално постои итна потреба, ќе работиме на прочистување, нанесување тампон и основна санација, во рамките на финансиските можности, изјави градоначалникот.
Според него, бројните поплаки од населението ја потврдуваат неопходноста од ваков пристап, иако, како што вели, буџетските средства се ограничени.
Еден од најдолготрајните инфраструктурни проблеми во општината е водоводот во село Младо Нагоричане, проект започнат уште во 2006 година, кој сè уште не е целосно функционален.
- По речиси 20 години, конечно сме во фаза кога водата е доведена до централниот резервоар. Сепак, имаме сериозен проблем со самиот објект, резервоарот пропушта и тоне, па ќе мора да ангажираме стручна фирма за негова санација, вели Славковски.
Оптимистички, како што посочува, првите приклучоци се очекуваат кон средината на годината.
- Ако во јуни започнеме со приклучувања, тоа ќе биде значаен успех, бидејќи во летниот период ќе обезбедиме стабилно водоснабдување и за постојните и за новите корисници- додава тој.
Паралелно, општината планира нови бушотини на постојните водоводи, со цел да се надминат сезонските намалувања на водата во лето.
Недостапноста на јавен превоз претставува уште еден сериозен проблем, особено за жителите на селата кои со години се без редовни автобуски линии.
- Имаме населени места кои речиси десет години немаат никаков јавен превоз. За да ја одржиме линијата Куманово – Дејловце, Советот донесе одлука за нејзино субвенционирање, бидејќи бројот на патници не е доволен за економска исплатливост- објаснува Славковски.
Во план е и реактивирање на линијата кон Бељаковце, со можни измени на трасата и возниот ред.
- Ќе направиме напори да обезбедиме барем едно дневно одење и враќање за овие села. За нас, и минимална функционалност е подобра од целосна изолација на населението- изјави градоначалникот.
Иако финансиските можности на општината се ограничени, локалната власт најавува дека ќе продолжи да бара поддршка од државните институции и преку јавни повици и проекти да обезбеди дополнителни средства за инфраструктурни зафати. ам/дма/
Фото: МИА