Општина Делчево започна постапка за отстранување на бесправно изградени објекти
- Општината апелира за доброволно отстранување, во спротивно ќе следува присилна постапка на товар на сопственицит
Делчево, 10 февруари 2026 (МИА) - Општина Делчево ја информира јавноста дека, во рамки на своите законски надлежности, е започната постапка за отстранување на бесправно изградени објекти на територијата на општината. За таа намена, како што информираат од Општината, веќе е спроведена јавна набавка преку Бирото за јавни набавки за избор на економски оператор кој ќе ја спроведува постапката за отстранување на објектите.
-Апелираме до сите физички и правни лица кои поседуваат бесправно изградени објекти доброволно да пристапат кон нивно отстранување, на сопствен трошок. Во спротивно, надлежните општински и инспекциски служби ќе постапат со присилно отстранување, во согласност со Законот за градење и Законот за инспекциски надзор, се вели во соопштението од Општина Делчево.
Трошоците за присилното отстранување ќе бидат на товар на инвеститорите, односно сопствениците на бесправно изградените објекти.
-Целта на оваа мерка е воспоставување законитост, уредување на просторот и заштита на јавниот интерес, подвлекоа од Општината.
Активностите ќе се спроведуваат континуирано и неселективно, со почитување на законските процедури и рокови, а надлежните служби како што е најавено ќе продолжат со теренски контроли, при што приоритет ќе имаат објектите кои претставуваат ризик за безбедноста на граѓаните и јавниот простор. Ваквите мерки се дел од поширока стратегија за уредување и одржлив развој на општината. вс/
Фото: МИА