Општина Дојран на Меѓународниот саем за туризам во Белград
Дојран, 10 февруари 2026 (МИА) - Општина Дојран и годинава ќе учествува на 47-от Меѓународен саем за туризам во Белград, кој ќе се одржи од 19 до 22 февруари годинава. Овој саем е еден од најзначајните туристички настани во Југоисточна Европа, каде бројни туристички организации, агенции и хотели ќе ги презентираат своите понуди и трендови за претстојната сезона.

Општината ги повикува сите заинтересирани угостители, хотелиери, сопственици на соби и апартмани, како и други субјекти од туристичкиот сектор во Дојран да достават свои промотивни материјали за учество на саемот најдоцна до 17 февруари.
Ова претставува можност локалните туристички капацитети и понуди да бидат промовирани пред поширока публика, со потенцијал за зголемување на туристичкиот интерес, особено од пазарот во Србија и регионот.
Дојран веќе со години е препознатлива станица за транзит и престој на туристи од соседна Србија, а учеството на саемот во Белград е дел од напорите за дополнително унапредување на туристичката промоција на градот и околината. рш/дма/
Фото: МИА