Домашниот џем од јагоди е вистинско уживање – миризлив, вкусен и совршен за појадок или десерт. Со неколку едноставни состојки и малку трпение, можете да подготвите природен џем.
Состојки:
- 2 кг јагоди
- 600 грама шеќер
- ½ кесичка лимонтус
- 1 ванилин шеќер
Подготовка:
Јагодите измијте ги, исчистете ги и исечете ги на парчиња. Ставете ги во поголем сад и додадете го шеќерот. Варете ги на тивок оган околу 30 минути, со повремено мешање. За време на варењето, редовно отстранувајте ја пената што се создава на површината. Потоа, со рачен блендер измиксирајте ги јагодите додека не добиете изедначена смеса. Доколку имате шумски јагоди, можете да додадете една рака пред блендирањето – тоа ќе му даде уште поинтензивен мирис и вкус. Продолжете со варење уште околу 30 минути, односно додека не ја постигнете саканата густина. За проверка, ставете една лажичка од џемот на чинија и оставете ја неколку минути во фрижидер. Така ќе можете да процените дали густината ви одговара. Џемот може да биде и малку поредок, доколку сакате полесно да се премачкува. На крај, додадете го ванилиниот шеќер и лимонтусот, кој помага за зачувување и ја ублажува претераната сладост. Готовиот џем сипете го во топли тегли, добро затворете ги и оставете ги завиткани во ќебе додека целосно не се изладат.
Фото: Фрипик