• петок, 20 февруари 2026

Филипинската потпретседателка Дутерте ќе се кандидира за претседател на изборите во 2028 година

Филипинската потпретседателка Дутерте ќе се кандидира за претседател на изборите во 2028 година

Манила, 18 февруари 2026 (МИА) - Филипинската потпретседателка Сара Дутерте најави дека ќе се кандидира за претседател на изборите во 2028 година. Оваа најава на 47-годишната жена доаѓа во услови на жестока борба за власт со сегашниот претседател Фердинанд (Бонгбонг) Маркос Помладиот со кого некогаш беше сојузник, објави Би-би-си.

Иако претседателските избори се дури за две години, на Филипините, каде што политиката во голема мера се базира на карактерот на кандидатите, подготовките за изборите често почнуваат години однапред.

Маркос не може повторно да се кандидира, а неговите сојузници сè уште не ја номинирале Сара Дутерте, која е и ќерка на неговиот претходник, поранешниот претседател Родриго Дутерте.

„Ги нудам мојот живот, мојата сила и мојата иднина во служба на нашата нација. Јас сум Сара Дутерте. Се кандидирам за претседател на Филипините - рече потпретседателката.

Маркос и Дутерте се кандидираа на изборите во 2022 година со заеднички список и постигнаа убедлива победа. Сепак, нивниот сојуз набргу се распадна поради судир на политички интереси. Раздорот драматично ескалира минатиот март кога Маркос му дозволи на Меѓународниот кривичен суд да го уапси таткото на Сара. Родриго Дутерте сега е во притвор во Хаг чекајќи судење за злосторства против човештвото за неговата насилна војна против дрогата.

Два месеца подоцна, на парламентарните избори, кои се сметаат за индикатор за поддршка на сегашната влада, победија кандидатите поддржани од семејството Дутерте, а не оние избрани од Маркос. Пред малку повеќе од една недела католички свештеници поднесоа барање за импичмент на потпретседателот поради наводна корупција, што таа го негира. Сара е најстарата ќерка на Родриго Дутерте и многумина ја сметаат за негов политички наследник. Татко ѝ еднаш ја опиша како „алфа“ во семејството, личноста што сите ја следат. рп/ми/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан