• петок, 05 декември 2025

Јужна Африка е незадоволна од одлуката на Трамп за следниот Самит на Г20

Јужна Африка е незадоволна од одлуката на Трамп за следниот Самит на Г20

Кејптаун, 27 ноември 2025 (МИА) – Јужна Африка изрази незадоволство поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да не ја покани земјата на следниот Самит на Г20, што ќе се одржи во САД.

- Јужна Африка е суверена уставна и демократска држава и не прифаќа навреди од друга земја за нејзиното членство и значењето на учеството во глобалните платформи, соопшти Канцеларијата на јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса.

Во соопштение, исто така, се наведува дека членството на Јужна Африка во Г20 е по волја на сите други земји-членки.

Трамп вчера ја обвини Јужна Африка дека извршила геноцид врз белите земјоделци.

- По моја наредба Јужна Африка нема да биде поканета на самитот на Г20 во 2026 година, што ќе се одржи во големиот град Мајами, Флорида, истакна Трамп, додавајќи оти ќе ги откаже сите плаќања и поддршка за африканската земја.

Кабинетот на претседателот Рамафоса наведе дека жали „што претседателот Трамп продолжува да се однесува одмаздољубиво и да се обидува да воведе казнени мерки против Јужна Африка врз основа на дезинформации и манипулација со земјата“ и покрај бројните обиди за обнова на дипломатските односи со САД.

САД го бојкотираа овогодишниот Самит на Г20, што викендот се одржа во Јужна Африка. ми/јт/

фото: МИА архива

Остани поврзан