ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово засади 25 садници јасен во дворот на болницата во Куманово
- Екипите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ денеска засадија 25 висококвалитетни садници од видот јасен во дворот на Општата болница во Куманово, на новооформениот паркинг простор со излез кон улицата „11 Ноември“.
Куманово, 23 февруари 2026 (МИА) - Екипите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ денеска засадија висококвалитетни садници од видот јасен во дворот на Општата болница во Куманово, на новооформениот паркинг простор со излез кон улицата „11 Ноември“. Акцијата, како што информираа надлежните на денешната прес-конференција е дел од поширокиот план за хортикултурно уредување на јавни површини во градот.
Директорот на претпријатието, Сашо Томиќ, изјави дека целта е разубавување и долгорочна заштита на просторот.

-Денес во болничкиот двор засадивме 25 садници од тип јасен, од наше производство. Садниците се насадија на овој паркинг со излез кон улицата „11 Ноември“, со цел да го разубавиме просторот. Се надеваме дека ќе успееме да ги сочуваме од несакани појави како кршење, и дека за неколку години овде ќе никне убав дрворед што ќе го штити просторот и возилата- изјави Томиќ.
Тој најави дека активностите нема да застанат тука и дека ќе засадат дрвореди покрај клучни институции, градински, училишта, установи. Од болницата ја поздравија иницијативата и најавија нови инфраструктурни зафати. Директорот на Општата болница, Сашо Стошевски, изрази благодарност за соработката.
-Огромна благодарност до „Чистота и зеленило“ што позитивно одговорија на нашето барање. Овој паркинг простор е уреден со поддршка од општествено одговорни компании, а сега се приклучуваат и јавните претпријатија со својата општествена одговорност- изјави Стошевски.

Тој информираше дека во текот на годинава е планирана изработка на проектна документација за целосно уредување на дворот и нов сообраќаен режим, бидејќи граѓаните од овие улици бараат решение на сообраќајниот метеж.
-Планираме влез и излез на улицата „11 Ноември“, со што ќе се растерети метежот на улицата Сала Ковачевиќ. Тоа ни е целта да го намалиме тесното грло кое со години создава проблем и за пациентите и за жителите воовој дел од градот- нагласи директорот.
Во однос на кадровската состојба, Стошевски посочи дека болницата се соочува со сериозен недостиг на среден медицински персонал.
-Ја чекаме оперативната согласност од Фондот за здравствено осигурување. По добивањето на буџетот ќе поднесеме барање за нови вработувања. Состојбата со медицински сестри, болничари и хигиеничари е алармантна и мораме да реагираме што побрзо- изјави Стошевски.
Со денешната акција, болничкиот комплекс добива дополнително зеленило, а управата очекува дека најавените инфраструктурни зафати ќе придонесат за подобра организација на сообраќајот и поквалитетни услови за пациентите и вработените. ам/дма/
Фото: МИА