Јаневска по случајот со повредениот ученик: Неопходна е секторска соработка, но и родителите да посветат внимание на своите деца, ќе следуваат законски измени
- - Ладното оружје децата не го наоѓаат во училиште, ладното оружје го наоѓаат надвор. Оттука, неопходна е соработка со сите сектори што се засегнати, но ги повикувам и ги молам родителите да им посветат внимание на своите деца. Целата држава, што и да направи, ако не се вклучат родителите, не може да постигнеме успех - изјави денеска Јаневска по прес-конференцијата во Министерството за образование, посветена на онлајн-водичот за квалификации.
Скопје, 13 мај 2026 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска, во врска со последниот случај со физичко насилство во основното улилиште „25 Мај“ во Ченто, каде што беше прободен со остар предмет 15-годишен ученик, апелира до родителите да им посветат внимание на своите деца. Вели државата ќе стори сè што е во нејзина надлежност, но важна алка се и родителите во целиот процес.
- Ладното оружје децата не го наоѓаат во училиште, ладното оружје го наоѓаат надвор. Оттука, неопходна е соработка со сите сектори што се засегнати, но ги повикувам и ги молам родителите да им посветат внимание на своите деца. Целата држава, што и да направи, ако не се вклучат родителите, не може да постигнеме успех - изјави денеска Јаневска на прес-конференцијата во Министерството за образование посветена на онлајн-водичот за квалификации.
Министерката најави измени во Законот за основното образование, со кои ќе се предвиди казна за родителот чие дете има насилно однесување во училиште.
- Во моментот разговараме со пратениците за да се формулира оваа измена во законот - рече Јаневска.
Исто така, министерката останува на ставот дека треба да бидат лиценцирани и училишните психолози и дека е потребна едукација и на наставниците за да ги забележат ваквите насилни однесувања.
- Постои закон во кој се вели дека секој психолог треба да е лиценциран. Тој закон не е влезен во имплементација. Веќе кажав дека ќе побарам да се лиценцираат и училишните психолози, кои треба да направат стручни тимови и да работат со децата, и со родителите, и со наставниците во препознавање на она што се случува во училиштето - рече Јаневска.
Вели дека сè додека има потреба и реалноста го покажува тоа, ќе се прават законски измени сè со цел да се воспостави сигурна ученичка средина. бак/вг/
Фото: МИА