• петок, 15 мај 2026

Ѓорче Ставрески за МИА: Уметноста треба да биде бунтовна и анархистична, да провоцира и да преиспитува, да ризикува и да поставува прашања

Ѓорче Ставрески за МИА: Уметноста треба да биде бунтовна и анархистична, да провоцира и да преиспитува, да ризикува и да поставува прашања

Бранка Д. НАЈДОВСКА

Ѓорче Ставрески е еден од најзначајните современи македонски режисери. Роден во Скопје 1978 година, а дипломирал филмска и ТВ-режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2004 година. Неговата филмографија вклучува дела како „Дали си маж“ (2023), „Розов филм“ (2003) и „Скопје-Ремикс“ (2012), но најпознат е по неговиот дебитантски долгометражен игран филм „Исцелител“ (2017).

Филмовите на Ставрески (кој е и професор на ФДУ - теорија на филмот, историја на филмот), се далеку од спектакл. Тие се минималистички, со фокус на секојдневните луѓе и нивните интимни патешествија. Како и самиот живот. Па така и „Исцелител“, кој не е само филм за болеста, туку длабока приказна за семејната љубов, тагата и хуморот во време на општествена криза. Трагикомичните и емотивните моменти, со тон на тивка емпатија и човечност, ја направи приказната универзална и препознатлива и надвор од македонските граници, па филмот освои десетина меѓународни награди, што само ја потврди неговата уметничка вредност и влијание. Ставрески со „Исцелител“, всушност, стана дел од генерацијата македонски режисери што ја обновија видливоста на домашниот филм на европската, т.е. светската сцена.

Пред две години почна со снимањето на својот втор долгометражен филм „Трампи“, македонско-чешка копродукција, чија премиера се очекува набргу.

И не може, а да не се каже дека во време кога киното често тежнее кон големи продукции и спектакли, Ставрески нуди нешто поинакво, како тишина, емпатија и вера во малите чуда на животот. (Сцена од „Исцелител“)

Што Ве инспирира за „Исцелител“, а што за „Трампи“?

- Кога го спремав „Исцелител“, бев исплашен од долгата форма. Имав солидно искуство правејќи неколку кратки филма, чија наративната структура е најчесто толку едноставна што можете пвеќето од информациите и емоциите да ги согледате, да ги почувствувате. Можете да ги затворите очите и лесно да ги замислите филмот и сите детали. Меѓутоа, ме вџаши наративното пространство на целовечерниот филм, кое ми беше недофатно во тој момент. Бев опседнат со прашањето на количината приказна доволна за да се оформи еден солиден долгометражен филм. Колку единици нарација е еден долг филм?

Читав и учев, искрено се обидував да ја предвидам големината на подвигот уште пред да зачекорам кон непознатото. Во таа смисла „Исцелител“ беше замислен да го дооформи моето основно познавање за филм. Дополнително, жанровски ме насочи. Научив да си го почитувам својот карактер. Сакав да направам чиста семејна драма, меѓутоа сфатив дека сум склон кон ироничен и апсурден хумор и тоа, за среќа, се појави во филмот. Со следниот филм, со работен наслов „Трампи“, тој товар на основните непознати прашања во однос на количината нарација го немаше и бев слободен да експериментирам како со содржината така и со формата.

Како се менува процесот на работа од еден до друг филм?

- Според содржината. Барем така би требало да биде: приказната ја диктира формата, а со тоа и процесот. Иако двата филма многу се разликуваат, речиси како да ги правел друг автор, сепак имаше доста сличности во процесот на работа. На пример продукциски, особено во однос на временските блокови, филмовите беа речиси исти, веројатно блиски до мојот идеален начин на работа. Имав речиси ист број на снимачки денови, а предпродукцијата и постпродукцијата беа речиси идентични по времетраење. Меѓутоа, креативно, ликовно и содржински не може да бидат поинакви. Токму поради содржината која се разликува. „Исцелител“ е реалистичен филм за двајца механичари, „Трампи“ е стилизиран филм за меланхоличен математичар.

Кои патишта треба да ги помине еден македонски филм за да стигне до меѓународната публика?

- Многу премрежиња има за да стигнете да го прикажете филмот на пошироката публика. Да ме прашавте во некои други времиња, не мора толку далеку, пред петнаесетина години, на пример, ќе речев со квалитет и упорност сѐ е можно. Меѓутоа, во моментот сѐ е експоненцијално комплицирано и има објективни културно-политички препреки, кои веројатно во догледно време нема да може да се премостат.

Во име на некои легитимно битни вредности, на пример, заштита на традиционално незаштитените, европската културна матрица произведува лажни еднодимензионални монокултурни филмски производи, а под диктат на нивната кураторска елита секоја идентитетска група си има точно определена наративна функција, едниот е опресор, насилен и глупав, другиот е опресиран и бистар, третиот е неутрално симпатичен и смешен. Направија типизирана предвидлива кинематографија, која никому не му одговора, па ја презираат не само опресирачите туку и опресираните, во име на кои беше спроведена. Нормално, зборувам за обичната нормална публика, а не за културната врхушка, која смета дека со својот „артивизам“ произведува ремек-дела на своите пулени.

Па, така, во однос на прашањето, сѐ помалку зависи од тоа што вие сакате да го кажете со филмот, а сѐ повеќе од факторите на кои не можете да влијаете, како вашата доделена идентитетска група низ чија призма ќе се вреднува филмот. Со други зборови, одамна веќе победи постмодернизмот и со години сведочиме на раѓање доминантен активистички филм, каде што текстот е побитен од производот. За жал, за мене барем, ова се догматски тенденции, кои се косат со принципите на уметноста.

Кому му должи уметноста да биде дидактична и активистичка? Кога тоа стана принцип? Не ми е јасно, искрено. Јас сметам дека, напротив, еден од клучните квалитети на уметноста е да биде бунтовна и анархистична, да провоцира и да преиспитува, а авторите би требало да бидат храбри, да ризикуваат и да поставуваат прашања, а не да нудат помодни тези. За жал, се створи пеколна атмосфера на страв од потенцијален дигитален cancel, во која повеќето се чуваат од погрешен потег и како папагали ги повторуваат слоганите на културниот естаблишмент, во јавноста и во своите дела.

Што мислите за продукциските услови кај нас денес?

- Никаде не е лесно да се направи филм. Меѓутоа, покрај типично тешките филмски проблеми со кои се соочува пошироката светска филмска заедница, ние имаме множество наши, би рекол, балкански проблеми. Кланови во филмската заедница, немање сплотеност, дури ни за објективно битните прашања, како формирање здружение за остварување на авторските права, од прикажување на филмовите или, конечно, да добиеме посебен конкурс за развој на сценарија и приказни, што мислам дека е од основно значење за продлабочување на квалитетот на сценаријата. Дополнително, институциите до таа мера го менуваат односот по секоја смена на власт, што јас искрено не се чувствувам како да имам филмски дом.

„Приватно, со години се борам со ѓаволи. Универзумот ми скрои пакет од многу тешки животни околности, секоја пошокантна од претходната“, вели Ставрески. (сцена од „Трампи“)

Дали воопшто постои уникатен македонски филмски јазик?

- Нема и мислам дека не треба да има. Но, сепак, во естетска смисла, ние не можеме да избегаме од нашите пејзажи, од нашите краишта, градови и луѓе и на тој начин несомнено нашите филмови ќе изгледаат. Сметам дека е грешка да се бега од нашите локални слики цврсто врзани за нашата идиосинкратска реалност, а инспирирани од туѓите иконографии да се обидуваме да правиме копии на нивните слики.

На колегите што замислуваат детективска приказна во пустина со мотел и неонски светла, би им предочил дека, ако го исклучиме поранешниот директор на МКЦ, речиси и да нема детективи во земјата, ниту пустина ниту мотели, но, за среќа, може да најдат по некоја расипана неонка во мноштвото пропаднати институции. Инаку, кога сме кај неонките, прочитав дека фината стаклена маса, која се добива со толчење на неонките, завршува како една од клучните состојки на кокаинот кај нас. Е, тоа е веќе солидна приказна, која вклучува неонски светла. Инаку, сметам дека кинематографијата ни е доста еклектична и се гордеам на тоа. Така треба и да биде.

Што им кажувате на студентите кога се разочарани или несигурни?

- Немам храбри совети. Успехот е логаритамски, не е линеарен, треба човек да биде истраен за одеднаш, по многу години бескомпромисна работа, во која жртви се дури и здравјето и приватниот живот, светот како да не може веќе да ве игнорира, па ќе почне да ве наградува. Но тешко е да се предвидат деталите, па затоа единствениот функционален совет е планинарски: концентрирајте се на следниот чекор, а не на едвај видливиот врв во далечината.

Како може млад филмаџија во Македонија да ја изгради својата прва публика?

- Мислам дека е погрешно упатено прашањето до мене. Без разлика на успесите на „Исцелител“, јас не размислувам на публиката кога работам и не предвидував дека мојот дебитантски филм ќе биде комерцијален. Сметам дека клучно нешто што треба да направат младите колеги е да го изградат сопствениот вкус надевајќи се дека ќе има доволно луѓе што ќе го препознаат. Кога ќе кажам сопствениот вкус, мислам на суштинската потрага по елементите кои им се блиски, но и талентот за одредени жанрови, кој не нужно се совпаѓа со нивната идеја за совршен филм. Ќе повторам, не мислев дека ќе има зрно комичност во моите филмови, но немав избор, потребата за хумор е посилна од мене.

Кој филм најмногу Ви влијаеше како автор?

- Невозможно прашање за одговарање. Еве една неструктурирана низа: „М“ и Метрополис на Фриц Ланг, Последниот човек, Носферату и Изгрејсонце на Ф.В. Мурнау, Страдањата на Јованка Орлеанка на Дреер, Човекот со филмска камера на Sига Вертов, поголемиот дел од филмовите на италијанскиот неореализам, повеќето филмови на Буњуел, особено Заборавени, повеќето филмови на Микеланџело Антониони, повеќето филмови на Вонг Кар-Ваи и нормално уште многу други.

Што би снимиле кога би имале неограничен буџет?

- Не сум режисер со епски тенденции. Мислам дека на сличен начин би работел со неограничен буџет, само филмовите полесно ќе ги преживувам и би имал повеќе пари за нормален живот.

Во „Исцелител“ и „Трампи“ постои силна човечка драма. Зошто раскажувате токму такви приказни?

- Мразам позерски филмови, формалистички. Иронично е дека јас, како човек што поголемиот дел од детството го посветив на математиката и науките, сметам дека најголемата загатка е, сепак, човекот. Заводливо ми е да се обидам да ги решам човечките енигми низ филмска нарација. Сакам да ги извадам на површина човечките емоции, а иако човек лесно може да лизне кон - ќе позајмам еден модерен термин од младава генерација - „кринџ“ кога ги уважува емоциите, јас не гледам друг начин, освен да танцуваме внимателно на таа тенка црвена линија. Да не ме разбере некој погрешно, не заговарам екстровертни и гласни филмови. Напротив, многу повеќе го сакам Антониони од Фелини, на пример.

Од поновите бавносогорувачки емотивни филмови ќе го издвојам јужнокорејскиот филм Burning на Ли Чанг-донг. Толку вешто ја крие бурата од емоции кај главниот јунак, што крајот изгледа, прво, шокантно, но потоа ве принудува да размислувате како и зошто не ги забележавте сигналите претходно. Филмот зборува за нашата ограничена природа верно да ги прочитаме другите. Ќе повторам: човекот е најголема енигма на универзумот.

Кој момент во Вашата режисерска работа досега Ви бил најтежок, а кој најисполнувачки?

- Има многу тешки моменти, не можам да ги набројам. Мислам дека клучната тешкотија за мене, но и објективно гледано во однос на другите човечки дејности, е дека се работи за контрадикторна професија. Филмот е парадоксален: војничка уметност. Во исто време треба да бидеш и уметник и војник.

За да можеш да ги разбереш нијансите на приказната и психологијата на ликовите за да продреш колку што можеш подлабоко во комплексноста на филмската нарација, треба да бидеш емотивен, нежен, внимателен и интровертен, а за да се справиш со побарувањата на продукциските елементи, мораш да бидеш ефикасен, безмилосен, упорен и груб. Тоа е невозможно тешко. Едвај се снаоѓам. Убавите работи се очигледни: раѓање на филмот во форма на наративна организирана реалност пред твоите очи.

Кој сте приватно? Што е следно од Вас?

- Приватно, со години се борам со ѓаволи. Универзумот ми скрои пакет од многу тешки животни околности, секоја пошокантна од претходната и сѐ уште се обидувам да излезам од тој лавиринт. Толку немав време, што целосно ја изгубив вештината - одморање. Научив да живеам под голем и постојан притисок, а до таа мера ми беше згуснат ритамот со решавање клучни животни проблеми, што сега повеќе ме плашат периоди на вакуум кога буквално не знам што да правам со себе отколку вител од обврски и притисоци. Едвај чекам да дојде јули кога ме чека само една „мала“ обврска: завршување на докторскиот труд. Се лечам со: трчање, Рубикова коцка и две чаши бурбон.

Фото: приватна архива

Остани поврзан