• среда, 18 март 2026

Ѓоко Здравески на фестивалот „Горанова пролет“ во Хрватска

Ѓоко Здравески на фестивалот „Горанова пролет“ во Хрватска

Скопје, 18 март 2026 (МИА) - Македонскиот поет Ѓоко Здравески ќе биде гостин на 63. издание на фестивалот на поезија „Горанова пролет“, кој ќе се одржи од утре до 22 март, во Загреб, Луковдол и во Риека, Хрватска.

Фестивалот е посветен на живите поетски гласови - домашни, регионални, европски и светски, а се одржува во чест и спомен на Иван Горан Ковачиќ, како и на идејата за поезијата како форма на борба за лична и универзална слобода. Програмите традиционално се одржуваат околу првиот ден од пролетта, роденденот на Иван Горан Ковачиќ и Светскиот ден на поезијата.

На фестивалот ќе настапат четириесетина поети од сите генерации од Хрватска и светот, а меѓународниот фокус оваа година е на поетските гласови од северна Европа. Ќе бидат доделени традиционалните награди „Горанов венец“ за целокупен придонес во поезијата и „Горан за млади поети“. 

Ѓоко Здравески е роден 1985 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје. Работел како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш и на ИНАЛКО во Париз, како уредник во издавачките куќи „Бегемот“ и „Темплум“, како библиотекар на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет во Скопје, а како уредник соработувал и со интернет-порталите „Репер“, „Блесок“ и „Окно“. Од јуни 2014 до јуни 2018, заедно со Ана Голејшка, во „Менада“ ги организирал книжевните читања „Астални проекции“, бил дел од организацијата на неколку изданија на скопскиот фестивал за кратки фикции „Друга приказна“, бил дел од организацијата на фестивалот „Артерија“, а од 2021 до 2024 година бил и еден од организаторите на Скопскиот поетски фестивал. Објавил пет книги поезија, првите четири во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа „Антолог“: „Палиндром со две н“ (2010), „Куќичка за птици преселници“ (2013), „Љубавина“ (2016) и „Дедикар икарал“ (2017), а последната книга поезија „Небо трето“ (2025) ја објавува во издавачката куќа „Бегемот“. Поезијата му е објавена на десетина европски јазици. Од 2015 година е дел од европската поетска платформа „Версополис“. Во 2019 година во издавачката куќа „Бегемот“ ја објавил и книгата кратки раскази „Отсечки стварност“. Досега превел дваесетина книги од српски/хрватски/босански на македонски јазик.лв/вј/

фото: Ѓоко Здравески 

Остани поврзан