Шри Ланка презеде контрола врз ирански брод по повик за помош во Индискиот Океан
- Акцијата следува по ескалацијата на тензиите во Индискиот Океан, откако американска подморница претходно го потопи иранскиот воен брод „ИРИС Дена“ (IRIS Dena) во близина на брегот на Шри Ланка.
Коломбо, 6 март 2026 (МИА) – Шри Ланка денеска започна со префрлање на повеќе од 200 морнари од иранскиот брод „ИРИС Бушер“ (IRIS Bushehr) на своја територија, откако пловилото кое се наоѓа во нејзините води упати повик за помош.
Акцијата следува по ескалацијата на тензиите во Индискиот Океан, откако американска подморница претходно го потопи иранскиот воен брод „ИРИС Дена“ (IRIS Dena) во близина на брегот на Шри Ланка.
Портпаролот на воената морнарица на Шри Ланка, командант Будика Сампат, изјави дека морнарите прво се транспортираат до пристаништето кај Коломбо, а потоа ќе бидат спроведени во поморската база во Велисара, каде ќе подлежат на лекарски прегледи и имиграциски процедури. Самиот брод подоцна ќе биде преместен во источното пристаниште на островот.
Одлуката на Владата во Коломбо да го преземе пловилото доаѓа по нападот врз иранскиот брод „Дена“ во средата. Медиумите посочуваат дека овој инцидент е еден од ретките случаи од Втората светска војна во кој подморница потопува воен брод, што укажува на проширување на американско-израелската воена кампања против Иран.
Претседателот на Шри Ланка, Анура Кумара Дисанајке, доцна синоќа појасни дека одлуката за преземање на контролата врз „ИРИС Бушер“ е донесена по разговори со иранските власти и капетанот на бродот, откако се расипал еден од моторите.
– Мораме да сфатиме дека ова не е обична ситуација. Станува збор за барање на брод кој припаѓа на една од странати - да влезе во нашето пристаниште. Тоа мораме да го земеме предвид согласно меѓународните договори и конвенции – изјави Дисанајке, нагласувајќи ја политиката на неутралност и заштитата на човечките животи.
Бродот „ИРИС Бушер“ во иранските медиуми претходно беше опишан како логистичко пловило на морнарицата со платформа за слетување хеликоптери. ссм/сд/
фото: принтскрин