• сабота, 14 март 2026

Членовите на Претседателството на БиХ во посета на Ватикан, планирана е средба со Папата

Членовите на Претседателството на БиХ во посета на Ватикан, планирана е средба со Папата

Бања Лука, 9 март 2026 (МИА) - Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ) денеска престојуваат во официјална посета на Ватикан, каде што ќе се сретнат со Папата Лав XIV, беше објавено на веб-страницата на Претседателството на БиХ.

Како што е наведено, претставниците на БиХ ќе се сретнат и со секретарот за односи со други држави и меѓународни организации на Државниот секретаријат на Светата столица, надбискупот Пол Ричард Галагер.

Посетата на Ватикан доаѓа откако Папата Лав XIV ги откажа индивидуалните аудиенции со членовите на Претседателството на БиХ во ноември минатата година и ги покани на заеднички состанок.

Сите тројца членови на Претседателството на БиХ потоа поединечно побараа аудиенција со поглаварот на Римокатоличката црква во краток временски период.

Датумот на средбата на Папата со српската членка на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, првично беше потврден, но средбата беше откажана откако и бошњачкиот член Денис Беќировиќ и хрватскиот член Жељко Комшиќ поднесоа свои барања за аудиенција.

Администрацијата на Светата столица одлучи дека нема да има индивидуални средби и дека разговорите можат да се одржат само во форма на заедничка аудиенција.

Ова е прв пат од 2018 година Ватикан да инсистира на заедничка средба на сите членови на Претседателството на Босна и Херцеговина со поглаварот на Римокатоличката црква.

Последната таква средба се одржа во време кога членови на Претседателството на БиХ беа Драган Човиќ, Младен Иваниќ и Бакир Изетбеговиќ. мс/ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан