• сабота, 16 мај 2026

Четврти малезиски брод помина низ Ормуска Теснина

Четврти малезиски брод помина низ Ормуска Теснина

Куала Лумпур, 15 мај 2026 (МИА) – Брод за поддршка во сопственост на малезиската компанија „Вантрис Енерџи“, порано позната како „Сапура Енерџи“, помина низ Ормуска Теснина.

Тоа е четвртиот брод поврзан со Малезија што поминува низ Ормуска Теснина од почетокот на војната помеѓу САД и Иран, што почна на 28 февруари.

„Сапура 1200“ е еден од седумте бродови за кои малезиската влада побара дозвола од Иран да поминат низ мореузот, што во голема мера останува затворен по избувнувањето на конфликтот.

Бродот помина низ Ормуска Теснина, пловејќи во близина на иранскиот брег, а потоа се упати кон Оман и вплови во пристаништето Мускат.

Премиерот на Малезија, Анвар Ибрахим, по разговорите со иранските претставници во март, изјави дека Иран ќе им дозволи на малезиските бродови да поминуваат низ Ормуска Теснина.

Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи денеска изјави дека сите бродови на држави кои не се во војна со Иран можат да пловат низ Ормуска Теснина.

Тој потенцира дека бродовите од „пријателските држави“ и другите треба да го координираат преминувањето со иранските воени сили. ми/јт/

фото: МИА архива

Остани поврзан