• четврток, 25 декември 2025

Честитка по повод Божиќ од вицепремиерот Љупчо Димовски до верниците од католичка вероисповед

Честитка по повод Божиќ од вицепремиерот Љупчо Димовски до верниците од католичка вероисповед

Скопје, 25 декември 2025 (МИА) - Вицепремиерот за политички систем упати божиќна честитка до Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов и до верниците од католичка вероисповед по повод големиот празник Божиќ.

- Рождеството Христово е празник на љубовта и радоста, празник на спокојот и милосрдието, празник кој нè потсетува на вистинските патишта и нè учи да ги почитуваме високите морални вредности. Божиќ е денот на радоста во душата кај секој верник, кога во мир и спокој ја прима и се радува на веста за Христовото раѓање. Оттаму Божиќната радост да ја споделиме со најмилите и најблиските, затоа што овој светол ден не учи на милосрдие и солидарност, на споделување и помагање на оние на кои тоа им е потребно, затоа што порачува да бидеме човечни и да ги сакаме нашите блиски, но и подалечните, се вели во честитката.

Во овие времиња, додава Димовски, најмногу ни се потребни токму овие вредности.

- Затоа што добрината е нападната од нечесноста, затоа што делбите, притисоците и одмаздата станаа основна карактеристика на нашето општество, затоа што е присутно чувството на страв, немир и разочараност кај луѓето и зато што некои заборавија на разумот и на мудроста и сето тоа мора да престане. Повторно да завладее добрата  мисла, благиот збор и трезвеноста. Да си го повратиме заедништвото и да го зацврстиме единството, вели вицепремиерот Димовски во честитката. бак/вј/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан