• вторник, 13 јануари 2026

Целосно реконструиран плоштадот Којник во Велес 

Целосно реконструиран плоштадот Којник во Велес 

Велес, 12 јануари 2026 (МИА) - Завршија градежните активности за целосна реконструкција на плоштадот Којник во едно од најстарите велешки маала лоциран во високиот стар дел од градот. Со ова жителите од овој дел од градот, но и сите велешани добија уште едно обновено  катче со најнова урбана опрема  за одмор и релаксација, информира денеска градоначалникот Марко Колев.

Реконструкцијата на плоштадот Којник траеше во изминатите четири месеци, со средства обезбедени од општинскиот буџет. 

Градоначалникот Колев најави дека во наредниот период ќе се изврши прередување на бехатон плочките на улицата околу плоштадот, а веднаш потоа ќе започне и целосната реконструкција на улицата „Васил Ѓоргов“.

Плоштадот и маалото Којник се опеани во многу велешки староградски песни меѓу кои најпознатата  „На Којник дуќан да имам“. Во близина на Којник живеел и творел и Коста Солев Рацин. Таму се наоѓа неговата Спомен куќа, но и на други велешки дејци.

Од маалото на Којник потекнува и познатиот актер Петре Прличко доајенот на македонското глумиште. На плоштадот Којник се одржале повеќе важни настани низ историјата на градот. Којник  е собиралиште на многу генерации, а од него патот води кон градските гробишта на црквата „Свети Пантелејмон“ во високиот стрмен дел на Велес. Воедно неколку стрмни улици надолу од Којник водат дирекно и до центарот на Велес.ад/вј/

Фото: Општина Велес

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан