• вторник, 16 декември 2025

Хрватски пратеници бараат вонредна седница на Парламентот по четири убиства на жени за две недели

Хрватски пратеници бараат вонредна седница на Парламентот по четири убиства на жени за две недели

Загреб, 15 декември 2025 (МИА) - Пратениците од левичарската опозициска партија „Можеме!“ објавија дека собираат потписи за свикување на вонредна седница на хрватскиот Парламент поради растечкиот број на случаи на фемициди, откако во последните две недели беа убиени четири жени, пренесе Хина. Според податоците на партијата, од почетокот на годината се регистрирани 19 убиства на жени, од кои 15 се класифицирани како фемицид.

Вчера во Хрватска беше убиена уште една жена, 19-тата во оваа година, потсетува хрватската национална телевизија ХРТ. Таа беше убиена од маж за кого имало двоцифрен број пријави за семејно насилство, а семејството било под надзор на Центарот за социјална работа, кој го укинал надзорот, заклучувајќи дека состојбата во семејството е доволно добра.

Ивана Кекин од „Можеме!“ изјави дека во последниот случај имало повеќекратни пријави за семејно насилство и интервенција на социјалните служби, што според неа укажува на системски институционален неуспех. Таа ги критикуваше властите за недостиг на конкретни активности и инсистираше на вонредна парламентарна дебата со учество на премиерот и надлежните министри. Доколку иницијативата не добие потребна поддршка, партијата ќе предложи формирање парламентарна анкетна комисија за анализа на случаите и механизмите за превенција, пренесе Хина.

Во истиот контекст, пратеничката Марија Лугариќ нагласи дека фемицидот може да се спречи бидејќи често постојат јасни предупредувачки знаци. Таа истакна дека проблемот не е во недостатокот на законодавство, туку во неговата примена, и ги повика институциите доследно да ги користат достапните алатки за заштита на жените.

Драженка Полович од „Можеме!“ ја поврза темата со пошироките општествени ставови, критикувајќи ги патријархалните модели и толерирањето на јавни изрази кои, според неа, ја поткопуваат рамноправноста и правата на жените. ссм/

фото: архива

Остани поврзан