Фото изложба „Мајски салон 2026“ во Куманово
- Кумановци, покрај оваа изложба, најавена за 18 часот, во Занаетчискиот дом, ќе имаат можност да ги разгледаат и делата на 50 автори на изложбата „Црно-бел Загреб“ која ќе биде отворена во 19 часот во НУЦК.
Куманово, 7 мај 2026 (МИА) - Фото киноклуб „Козјак“, вечер со почеток во 18 часот во занаетчискиот дом ја организира изложбата „Мајски салон 2026“, информираа денеска организаторите. Станува збор за традиционална клупска изложба на ФКК „Козјак“. Публиката ќе има можност да види најразлични фотографии, моменти од реалноста, емоции. Изложените дела, додаваат од клубот дела се показател на сериозноста и посветеноста со која членовите ѝ пристапуваат на уметноста и претставуваат уште еден доказ за оправданоста на интернационалното реноме кое го има ФКК „Козјак“.

Од клубот најавија дека ќе се збратимат со Фото клуб Загреб од Хрватска, вечерва во рамки на изложбата. Еден час подоцна во НУЦК „Трајко Прокопиев“ свечено ќе биде отворена изложбата на уметничка фотографија насловена „Црно-бел Загреб“ на членовите на Фото клуб Загреб од Хрватска. Посетителите ќе имаат единствена можност да уживаат во внимателно одбрана поставка на фотографии од околу 50 автори.

-Велат дека фотографијата зборува илјада зборови. Фотографија е цртање со светлина и претставува индивидуален начин на интерпретација на реалноста од страна на оној кој е зад објективот. Начинот на работа и погледот низ објективот се исти, но секогаш различни. А, во корен на се е љубовта и посветеноста кон неа. Уметничка фотографија е дело што мора да предизвика одредени чувства кај гледачите. Фотографијата може да го направи секој момент вечен-наведуваат од клубот.
Покровители на изложбата се Општина Куманово, традиционално поддржана од НУЦК „Трајко Прокопиев“ и Фондација за култура и спорт – Куманово и се под патронат на Фото Сојуз на Македонија.ам/са/
Фото Плакат